X
 05.07.2019 Образование

Во Њујорк одиме да освоиме медал - Жаклина Прекиќ, професорката чии ученици растураат на натпревари по информатика

Светскиот натпревар е предизвик за нас бидeјќи оваа година се подготвуваме да освоиме медал. За такви амбиции зборуваме кога се работи за ученици како што се Ана Марија и Сара, иако сме свесни дека конкуренцијата е силна

Професорот треба да умее да ги препознае квалитетите и особеностите на секој ученик и да го поттикне да ги искаже на најдобар можен начин, вели Жаклина Прекиќ, професорка во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, чии ученици веќе неколку години победуваат на натпреварите МОЅ (Microsoft Office Specialist) и ACA (Adobe Certified Associate). Во „Корчагин“ предава 15 години, иако има двојно подолг стаж. За себе вели дека е дипломиран инженер по електротехника (насока Информатика и aвтоматика), кој транзицијата во нашава земја го однела професионално во други води, образовни, зашто компјутерскиот центар каде што работела како систем-инженер престанал да постои. Во „Корчагин“ предава програмски јазици (изучување на програмскиот јазик C++), информатика и информатичка технологија.

Жаклина Прекиќ со своите ученици

- Натпреварот е всушност полагање практични тестови, апликации на Microsoft Office на професионално ниво. Ако го положат, натпреварувачите стекнуваат меѓународен сертификат, а со тоа го потврдуваат достигнатото ниво на дигитална писменост и вештини, кои пак се неопходни за нивниот понатамошен успех и кариерен развој. Натпреварите се индивидуални.

Вашите ученици се редовно први или меѓу првите на овие натпревари. На што се должи тоа?

- Како и секоја година, учениците од „Корчагин“ постигнуваат завидни резултати, квалитативно и квантитативно. Уште од првиот организиран натпревар во 2016 година ученикот Марко Марковиќ ја освои првата шампионска титула на Македонија, а на светскиот натпревар во Орландо, Флорида, го освои деветтото место од вкупно 1.700.000 тестирани кандидати во светски рамки. Со тоа се пласира во топ-10 тимот на World Microsoft Office Specialists, што само по себе претставува огромен успех за нашата држава и за нашата гимназија. И годинава моите ученици постигнаа огромен успех на државниот натпревар што кон крајот на мај го организира CertiAdria, со поддршка на Град Скопје и Стопанска банка АД Скопје. Од вкупно 700 реализирани тестирања, корчагинци беа извонредни. Во суперфиналето со 40 најуспешни натпреварувачи на ниво на држава влегоа 9 мои ученици. Од нив во топ-5 беа прогласени тројца корчагинци. Годинашен шампион е Ана Марија Атанасовска, која со мене, како нејзин ментор, ќе ги брани боите на нашата држава на светскиот натпревар од 28 до 31 јули во Њујорк, на кој ќе учествуваат повеќе од 120 земји во светот.

Сара Мислајловска

На 13 јуни во просториите на CertiAdria се одржа и финалето на ACA (Adobe Certified Associate) натпреварот, а мојата ученичка Сара Мисајловска го освои првото место. И таа ќе патува во Њујорк, ќе ги брани боите на Македонија, на World ACA Championship, светскиот натпревар во Adobe апликации (Adobe Photoshop). Лани првиот шампион на Македонија на ACA натпреварот беше мојот ученик, Бојан Секулоски. Корчагинци се мултиталентирани ученици. Доволно е да знаете да ги организирате, поттикнете и да им дадете добра основа, насоки, мотив за учење и посветена работа. Една од клучните работи што секој професор треба да ги практикува е да се поттикнат учениците сами да истражуваат, да им влеете самодоверба и кога некогаш не веруваат во сопствените можности или кога се помалку успешни, бидeјќи сите повремено грешиме, но се учиме и созреваме на сопствените грешки. Со сите овие аргументи можеме да имаме точно решена функција (да се изразам во информатичко-математички жаргон) и тогаш успехот е неминовен. Знаењето, посветеноста, самодовербата, упорноста и искуството секогаш носат резултати.

Што треба еден професор-педагог да поседува за да има успешни ученици?

- Треба и мора да умее да го препознае и поттикне талентот кај учениците и нивната посебност. Уште ако успееме да влијаеме врз учениците да го спознаат фактот дека не треба да учат затоа што мораат, туку затоa што сакаат, тогаш ние како нивни учители сме ја постигнале целта. Професорот треба да умее да ги препознае квалитетите и особеностите на секој ученик и да го поттикне да ги искаже на најдобар можен начин. Со еден збор, да му помогне и да го мотивира да работи за сопствен напредок. Не е доволно на учениците да им се пренесат само фактите во „суров облик“. Примената на знаењето во пракса е битен фактор - овозможува искуствата што ги стекнуваат учениците преку учењето да останат во облик на трајни, „линкувани“ знаења, кои можат да ги користат понатаму во животот, на приватен и професионален план. Преку менторска работа, професорот треба да ја развива внатрешната мотивацијa кај ученикот и потребата од стекнување нови знаења, кои постојано треба да се усовршуваат. Тоа е особено потребно и карактеристично во областа на информатичката технологија, каде што речиси секојдневно се случуваат технолошки и софтверски промени и напредок.

Со ученичката Ана Марија Атанасовска

Колку големите меѓународни натпревари и искуството од нив се важни за еден ученик и неговото понатамошно образование?

- Двете најголеми светски софтверски компании, Microsoft и AdobeInc, се претставени преку компанијата Certiport, која го организира глобалниот светски натпревар во дигитални вештини во Њујорк. На истиот настан, покрај натпреварите на најдобрите ученици и репрезентации од над 120 земји во светот, се реализираат и бизнис-средби со претставниците, топ-менаџери на овие компании во светот. Тоа значи дека ќе присуствуваме на извонредно значаен настан од областа на информатичката технологија во светски глобални рамки, каде што се стекнуваат нови искуства, знаења, бизнис-партнерства и пријателства кои траат. Светскиот натпревар е предизвик за нас бидeјќи оваа година се подготвуваме да освоиме медал. За такви амбиции зборуваме кога се работи за ученици како што се Ана Марија и Сара, иако сме свесни дека конкуренцијата е силна. Секако дека искуството што се стекнува на ваков тип натпревари има огромно влијание врз кариерниот и личниот развој на ученикот.

МОН најавува отворање на математичка гимназија во септември. Како ја коментирате оваа одлука?

- Ваквата иницијатива треба да биде темелно и аналитички конципирана. Таквата гимназија треба да претставува во секој случај инспиративна средина за млади амбициозни луѓе, кои се стремат кон високи академски цели. Денес во модерниот свет, кој постојано се менува, неопходно е да се држи чекор со времето и постојано да се усвојуваат нови знаења. Токму затоа се наметнува и потребата да се направи најдобар спој со светските методолошки трендови, на математичко-информатичките технологии и наставните програми. Учениците и професорите на ваков профил на гимназија треба да имаат можност да учат и да работат во врвно опремена зграда со најсовремени наставни помагала, кои, за жал, ние ги немаме. Доколку се задоволат ваквите високи критериуми, ја поддржувам идејата за отворање математичка гимназија.

Образованието во Македонија со години е во колапс. Може ли да наброите неколку основни причини за сегашните состојби и каде го гледате излезот од овој вител на континуирана ерозија на образовниот систем?

- Образованието е во колапс уште од времето на осамостојувањето на нашата држава, кога секоја нова влада започнуваше свои проекти, најчесто без консултација со фелата, а кои ретко беа успешни. Во континуитет, образованието не беше приоритет на ниту една влада и беше ставено на маргините на општественото живеење. Кулминација на ерозија на образовниот систем се случи за време на владеењето на минатата власт.
Излезот од вителот на континуираната ерозија на образовниот систем е во вистинска темелна сеопфатна реформа на целокупниот образовен систем, од основно до високо образование, базиран на анализи и имплементирани искуства од светски познатите образовни системи и нивните вредносни категоризации, усогласени со нашите општествени потреби и во согласност со капацитативноста и волјата на нашиот општествен систем и новата извршна власт.

Истиот, во претходниот период беше претставуван од неговиот политички лукративен естаблишмент, кој долг период беше базиран на маргинализација на главните чинители - просветните работници и педагози, врз кои системски беше вршен постојан притисок со застрашување и уценувања, особено преку фамозниот проект - екстерно тестирање, кој функционираше само како алатка за „тренирање строгост“, опседнат од патолошка контрола врз најмногубројната фела, плашејќи се од имплозија на незадоволство во фелата со создадени стеги, за политичките потреби на еден режим.



Но, и по падот на режимот, сепак, не се зафати подлабоко во реформи на образовниот систем, туку останаа рецидиви од претходниот систем во образованието, без целосно отстранување на сите негативности, со што делумно се репарира некаков „нов современ образовен систем“. Се чини дека во брзањето и инерцијата, попатно се испуштија или заборавија главните постулати и категоризации во образованието, за кои огромни заложби даде Пленумот во времето кога беше активен во својата борба за подобро образование, со исцрпни анализи и искуства, кои беа доставени до МОН, за да се катапултираме и да ги фатиме светските трендови, кои градат и создаваат образовани млади луѓе врз кои почива иднината на секое општество.

Реалните заложби на Пленумот, како еснафско здружување на најинформираните и најкомпетентните толкувачи на пулсот во образовниот систем и процесите во периодот од 2015 до 2017 година, беа со цел да се помогне во реформирањето на образовниот систем и да се излезе од репресивните механизми на претходниот. Но, се чини како да е занемарен тој драгоцен аналитички материјал доставен до МОН и работите не се направија доследно со имплементирање на тие искуства - што од недоволно познавање и чувство за пулсот однатре што од бирократска инерција на недоследна разработка и имплементација на нашите анализи, но и од неспособноста на фелата јасно и обединето да ги артикулира предлозите и барањата, особено сензитивните, бидејќи, за жал, партиската поделеност одигра улога во разбивање на импулсот на енергијата, која се создаде во времето на борбата против екстерното тестирање и лошите образовни реформи, во време на владеењето на минатата власт.

Излезот е единствено можен со нов потемелен приод и со носење нов закон или измена и дополнување на веќе набрзина донесениот. Последиците од невтемелување на реалната анализа во идните решенија кои се неопходни ќе значат тапкање в место, а образовниот систем ќе еродира со уште позасилена динамика, што ќе резултира со поголеми последици врз идните млади образовани луѓе.

На потег се надлежните и компетентните во МОН, да се зафатат со овој многу тежок и чувствителен проблем за севкупен напредок на нашето општество, особено сега со вклучувањето во евроатлантските структури каде што треба да постигнеме висока компатибилност и во поглавјата што ќе следуваат во преговорите со ЕУ.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование