X
 05.07.2021 Образование

Лани дипломирале 6.907 студенти. На Архитектонскиот факултет во Скопје дипломирала само една студентка

Бројот на дипломираните студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите во земјава во 2020 година, во споредба со 2019 година, е намален за 12,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

-Од вкупниот број дипломирани студенти, 81,9% се редовни, а 18,1% се вонредни студенти. Процентот на дипломирани студентки изнесува 59,5%. Од вкупниот број студенти, 37% дипломирале во рокот, додека 63% дипломирале по рокот - стои во соопштението.

Според објавените податоци, лани дипломирале вкупно 6.907 студенти, од кои 5.655 биле редовни, а 1.252 вонредни. На државните високообразовни установи дипломирале 5.056 студенти, од кои 4.412 редовни и 644 вонредни. На приватните високообразовни установи дипломирале 1.831 студент, од кои 1.231 редовен и 600 вонредни. На верските факултети, пак диплломирале 20 студенти, од кои 12 редовни, а 8 вонредни.

Лидер по издадени дипломи од државните универзитети лани бил најголемиот, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирале вкупно 2.624 студенти, од кои 2.404 редовни и 220 вонредни. Во рамки на УКИМ, најмногу студенти дипломирале на Економскиот и Филозофскиот факултет, по 404 на двата факултета, а потоа следува Филолошкиот со 232, Медицински со 229 и Факултетот за електротехника и информациски технологии со 205 дипломирани студенти итн. Она што паѓа во очи е податокот дека во 2020 на Архитектонскиот факултет дипломирала само една студентка.

Втор од државните универзитети по дипломирани студенти минатата година бил Универзитетот во Тетово, каде дипломирале вкупно 1.041 студент, од кои 927 редовни и 114 вонредни.

Потоа следува Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со 736 дипломирани студенти, од кои 533 редовни, а 203 вонредни.

На Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола дипломирале 501 студент (436 редовни и 65 вонредни).

На Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид дипломирале 53 студенти, сите редовни, а на „Мајка Тереза“ во Скопје дипломирале 20 студенти, од кои 13 редовни и 7 вонредни.

На Високата медицинска школа во Битола дипломирале 81 студент, од кои 46 редовни и 35 вонредни.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Во однос на приватните високообразовни установи, податоците на ДЗС покажуваат дека најмногу студенти минатата година дипломирале на Југоисточниот универзитет - Тетово - вкупно 457 студенти, од кои 394 редовни и 63 вонредни. Потоа следува Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје со 232 дипломирани студенти, од кои само 56 редовни и 176 вонредни, а на третото место е Меѓународниот славјански институт „Г.Р. Державин“ - Свети Николе, каде дипломирале вкупно 227 студенти (93 редовни и 134 вонредни). На другите приватни високообразовни установи дипломирале по помал број студенти.

Насловна фотографија: Архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование