X
 05.07.2022 Економија

Цената на струјата во ЕУ урива рекорди

Цените на електричната енергија во Европа достигнаа рекордно ниво поради намалените испораки на гас од Русија, објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“ (ФТ).

Во Германија и во Франција, водечки земји во еврозоната, цените за мегават-час за 2023 година поставија нови рекорди, достигнувајќи 325, односно 366 евра. Според експертите, зголемувањето се должи пред сè на недостигот на гас во Европа, што се појави главно поради намалувањето на увозот на овој енергент од Русија, што, пак, се должи на воведувањето санкции кон Русија.

Поради санкциите од Канада, Русија не успеа навреме да ги набави турбините потребни за Северен поток 1, принудувајќи ја да го ограничи своето производство на 40 проценти од максимумот.

Весникот нагласува дека во Европа растат стравувањата дека Русија ќе продолжи да го намалува снабдувањето по превентивното исклучување на гасоводот, што треба да започне на 11 јули. Ситуацијата се влошува поради фактот што инвестициите во нови наоѓалишта на гас во светот беа замрзнати за време на пандемијата, што сериозно ја ограничи можноста на ЕУ да го пренасочи увозот.

Според експертите, екстремниот недостиг на гас во Европа ќе трае уште најмалку една година. Борбата против енергетската криза во ЕУ дополнително се комплицира со фактот дека нема да успеат германските обиди за подобрување на ситуацијата со враќање на електраните на јаглен, бидејќи цените на јагленот исто така сега се на максимум, наведува ФТ.

Весникот посочува и дека истовремено многу нуклеарни централи во Франција имаа неочекувани проблеми при техничкото одржување, што исто така го ограничува производството на електрична енергија во овој сектор. Франција, која порано беше нето-извозник на електрична енергија, сега мора да се потпира на испораките од Германија, Велика Британија и други соседни земји.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија