X
 05.10.2018 Наша тема

Чистат по куќи, возат такси, одгледуваат тутун... Ова го работат македонски наставници после часовите за подобар живот

Доколку надлежните во Македонија сакаат да се подобри образованието, неопходно е да се зголемат платите, но доколку не сакаат, нека остане ова статус кво, а на долгорочен план последиците ќе бидат погубни, вели наставничка од македонско училиште


- Вработена сум во три училишта за да имам полн фонд на часови и да земам целосна плата, која е потпросечна во Македонија – одговори наставничка од основно училиште на анкетата што во изминатиот период ја организира Факултети.мк.

Малку повеќе од 400 наставници од основни и средни училишта ни одговорија на нашите прашања, од кои сакавме да добиеме појасна слика како живеат просветните работници во Македонија. Денес е Светскиот ден на учителите, луѓето што ги образоваат нашите деца.
Поразителни бројки и ставови добивме на прашањата дали вашата плата ви овозможува достоинствен живот?
- Не, никако, ни малку, делумно, мизерен, достоинствен живот е сон на секој наставник, се живее мизерно, за преживување – да, ама за живот – не. Одвај ги задоволува основните потреби – ова беа најчестите одговори. Само петмина одговориле потврдно на прашањето.

Приватни часови, магистерски тези, земјоделство

На прашањето дали работат дополнително за подобро да живеат, една петтина од испитаниците одговорија дека прифаќаат секакви предизвици. Најчесто тоа се во доменот на нивните професии – дополнителни часови, одржување обуки, пишување магистерски тези. Поголем дел од наставниците ни одговорија дека не работат хонорарно и дека немаат време.

- Мило ми е што се прави ваква анкета за да се покрене свеста по ова прашање. Платата на наставниците ни од далеку не нуди достоинствен живот. На сите им е добро познато дека платата е ниска, што придонесува луѓето да немаат почит кон оваа професија и голем дел ја сметаат за професија на луѓе што не ги бидувало за друго, па се одлучиле да станат професори. Јас лично сум млада и ентузијастична наставничка. Завршив со просек 9,8 на Филолошкиот факултет и предавам два јазика - англиски и германски. Работам со голем ентузијазам и посветеност веќе четири години, но како што изминува времето, се разочарувам од ниските примања и размислувам за промена на струката. Надлежните треба да се прашаат дали сакаат да ги задржат квалитетните кадри во оваа професија – вели наставничка која предава во училиште за странски јазици, а дополнително држи и приватни часови.

- Ќе ја наведам Финска како пример на држава со одличен образовен систем. Во Финска најдобрите матуранти стануваат идни професори или доктори, професорската работа таму е една од најплатените и уживаат висок статус во општеството. Доколку надлежните во Македонија сакаат да се подобри образованието, неопходно е да се зголемат платите, но доколку не сакаат, нека остане ова статус кво, а на долгорочен план последиците ќе бидат погубни – додава таа.

Можеме ли воопшто да зборуваме за достоинство?

Платата на наставниците не стасува ниту за преживување, а издржувам студент во Скопје, така што за мене и за другото дете не останува речиси ништо, вели наставничка.

Нејзина колешка се навраќа на периодот кога студирала и со каков ентузијазам влегла во оваа професија.
- Додека студирав, размислував на среќата што ќе ја имам да работам со деца. И да, таа мисла ме води и денес. Но, за жал, таа мисла ја убивам во маркет кога треба да ги купам основните намирници и кога треба да ги платам сметките. Ја сакам математиката, но никогаш не помислував дека цената на производите ќе ми биде преокупација. И затоа можам да ви кажам: да, за леб имам, не сум гладна. А за достоинство? Самиот факт дека платите се под просечната плата во Македонија, дали можеме да зборуваме за достоинство? – прашува таа.
Наставниците во државава не само што не се вреднувани и не се почитувани од системот, туку и не се заштитени од различен вид мобинг, споделува наставник.

- Финансиски сме под просекот на секоја друга интелектуална професија и со нашава плата не живееме, туку преживуваме бидејќи си ги плаќаме и патните трошоци од истата таа ниска плата.
Друга вредна наставничка вели дека не се откажува од дополнителната работа, која исто така е малку платена.
- Постојано нешто работам на некои проекти поврзани со образованието, но воопшто не е платено. На пример, работев на два документа околу шест месеци, направив повеќе верзии како што беше побарано, работата ми беше оценета како одлична, ми платија 5.000 денари, а на кои сама треба да си платам данок – вели наставничка во средно училиште.


Што сѐ работат наставниците?

Наставниците работат сè и сешто за да преживеат. Лозарство, проекти од областа на заштита на животната средина, издавање соби, во НВО-сектор, продавање козметички производи, тутунопроизводители, музичар во бенд, судски превод, приватен едукативен центар, приватен бизнис со козметичка компанија, овоштарство, земјоделство, правење анкети, преводи, дополнителни часови, осигурување. Заработуваат и од семинари, изработуваат уметнички дела, пишуваат книги, таксист ноќе, лете дополнително работат.
Работам со мрежен маркетинг, консултативни работи и експертски анализи, депилација – стои во одговорите.

Дали 5-6.000 денари, колку што ѝ остануваат откако ќе ги покрие режиските трошоци, се доволни за четиричлено семејство со еден студент и еден средношколец да опстане? - прашува наставничка во македонско училиште.

- Платата е однапред потрошена со години наназад или нанапред, како сакате. Уште во времето на чековите се снаоѓавме со истите, па дојдоа мали кредитчиња од 1.500 марки кои подоцна станаа евра, па ете ги и кредитните картички, па кога ќе заглавиш со сето ова, а згора на тоа и неплатени сметки: струја, вода, телефон итн., ајде рефундирај го кредитот, помини од банка во банка и така со години. Па дојдовме до кредити од 15.000 илјади евра, а годините си одат, животот е таму некаде, а ние трчкаме по него, но никако да го стигнеме – стои во одговорите од наставниците.

Една наставничка во дополнителна работа ни ги наброја и следните активности:
- Работам во сите проекти, организирам настани за Ден на планетата Земја, новогодишна приредба, прием на првачиња, новогодишен и велигденски базар, Недела на детето, Ден на училиштето... Бесконечна е листата, а трошокот е на грбот на наставникот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема