X
 05.10.2018 Здравје

Што се случува со телото ако еден месец се откажеме од пиење алкохол?

Дали вреди да се откажете од алкохол еден месец и дали тоа ќе влијае врз вашето здравје? Илјадници луѓе во Велика Британија се подготвени за овој експеримент, како дел од кампањата „Биди трезен во октомври“, чија цел е да собере пари за истражување на ракот.

Освен собирањето пари за добротворни цели, организаторите на акцијата велат дека учесниците може да имаат корист, на пр., намалено 'рчење, подобро спиење и зголемена енергија.

Слични акции се организираат и во текот на јануари, кога трае таканаречениот „сув јануари“, а целта е да им помогне на луѓето да закрепнат од препивањето за време на божиќните и новогодишните празници.

До неодамна се сметаше дека умереното пиење е безопасно, можеби дури и корисно, но најновите истражувања ја негираат оваа теорија. Студија објавена во списанието „Лансет“ вели дека не постои безбедно количество алкохол.

Тимот на емисијата „Верувај ми, јас сум лекар“ се здружи со научници за да ги покажат придобивките од избегнувањето на алкохолот.

Професорот Раџив Џалан, експерт за болести на црниот дроб, веќе зборуваше за придобивките од „Сувиот јануари“. Но, тој истакна дека е тешко да се каже колку корист имаат луѓето од откажувањето од алкохол бидејќи многу, во рамките на новогодишните одлуки, почнуваат и да јадат поздрава храна и да вежбаат.

Затоа е избран еден неутрален месец, јуни, во кој 26 луѓе беа поделени во две групи: едните продолжиле да пијат како и обично, а другите сосема го исфрлиле алкохолот.

Пред почетокот на експериментот и по еден месец сите биле на преглед, кој вклучувал тестови на црниот дроб и контрола на крвниот притисок.

Заклучокот е дека здравјето на оние што се откажале од алкохолот значително се подобрило - опаднало нивото на маснотии во црниот дроб, како и општо на мастите во организмот, а им се подобриле и квалитетот на сонот и концентрацијата.

Ефектот бил уште поизразен кај оние што пиеле повеќе од препорачаниот лимит од 14 пијачки неделно.

- По тие четири недели се чувствував како да сум друга личност. Веќе речиси воопшто не пијам и се чувствувам сјајно и ревитализирано. Сè уште губам тежина, а алкохолот веќе не можам ни да го помирисам - вели Кети, една од учесничките во експериментот.

Тимот на професорот Џалан сакал да види и дали позитивните исходи од непиењето ќе се поништат ако луѓето се вратат на старите навики, па по три недели повторно ги тестирале учесниците во експериментот.

Била уочена јасна разлика меѓу оние што пиеле помалку од препорачаната граница и оние што редовно ја преминувале таа граница. Интересно е што умерените консументи на алкохол брзо се вратиле на поранешното ниво на пиење, додека оние „потешките“ консументи главно продолжиле да пијат и до 70 отсто помалку во текот на три недели по завршувањето на експериментот.

Иако во експериментот не учествувале голем број луѓе, може да се заклучи дека и краткорочниот прекин на пиењето алкохол може да има позитивно влијание врз здравјето, па „Сувиот јануари“ и „Биди трезен во октомври“ имаат смисла.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје