X
 05.10.2020 Живот

За доминацијата на левата рака не е виновен само еден ген, туку дури 41 регион од ДНК

Повеќето луѓе постојано ја користат истата рака за да завршат задачи што бараат вештина и контрола, како пишувањето. Познато е дека генетиката игра улога во тоа која рака ќе биде доминантна, но тешко е да се одредат точните гени што се одговорни за ова. Истражувачите анализирале податоци од ДНК на над 1,7 милион луѓе и откриле 41 регион од геномот што се поврзани со доминантноста на левата рака и уште 7 што биле поврзани со состојбата во која лицето може еднакво да ги користи и десната и левата рака.

Околу 88% од луѓето ја користат десната рака како доминантна, додека 10% ја користат левата. Само 2% од луѓето може еднакво да ги користат двете раце. Доминацијата на раката се создава во матката, а се стабилизира во времето кога децата учат да цртаат. Доколку нема повреда или тренирање на другата рака, раката што била доминантна при раѓањето останува доминантна целиот живот.

Генетиката игра значајна улога во доминацијата на раката. Иако научниците претходно теоретизирале дека има еден ген што е „виновен“ за доминацијата на левата рака кај луѓето наместо десната, експертите сега дознаваат дека станува збор за многу покомплицирана состојба.


Фото: Pixabay

Новото истражување покажува дека доминацијата на левата рака не е резултат на промена на еден ген, туку разлики во дури 41 регион од геномот. Кај лицата што немаат доминантна рака се пронајдени разлики во гените во 7 региони од геномот.

Многу региони од геномот што се поврзуваат со доминацијата на левата рака содржат гени што се поврзани и со микротубулните протеини, кои играат значајна улога во способноста на мозокот да се адаптира на промени во околината.

Интересно, гените што влијаат врз други асиметрии во телото не биле поврзани со доминацијата на раката во истражувањето. Истражувачите откриле и дека имало мало преклопување помеѓу регионите од геномот што се поврзувале со доминацијата на левата рака и недоминацијата. Ова значи дека недоминацијата на рака е уште покомплицирана од она што се мислело претходно.

Автори: Дејвид Еванс и Сара Медланд
Извор: uq.eu.au
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот