X
 05.11.2017 Живот

Заборавениот 9/11 терористички напад од 1976 година

На 11 септември, сопругата на Брајан Мареј го видела нејзиниот сопруг на малиот телевизиски екран на ударните вести, што било последен пат кога го видела неговото лице.

Брајан не бил жртва на нападот на Кулите близначки, во кој загинале 2.996 луѓе во 2001 година. Тој бил единствената жртва на терористички напад што се случил во Њујорк на 11 септември 1976 година.

„Заборавениот 9/11. Никој не знае за него“, вели вдовицата на Брајан, Кетлин Мареј Моран, која напишала и книга за нејзиниот живот во пресрет на трагедијата, насловена „Детониран живот“.

Нејзиниот свет целосно бил променет тој ден кога двајца хрватски „борци за слобода“ поставиле бомби во шкафчето 5714 во њујоршката станица Гранд Централ, пред да киднапираат авион. 27 годишниот сопруг на Кетлин тој ден бил работел ноќна смена во полицискиот оддел во Њујорк. Во 11 часот, таа ги гледала вестите на кои се известувало за закани од бомба и киднапирање на авионот. Како што камерата се спуштала кон станицата, таа го видела Брајан.

„На телевизија го видов мојот сопруг како ја подигнува и става бомбата во камионот“, вели таа.

Во 4 часот наутро ја пробудил звукот на ѕвончето. Но не бил нејзиниот сопруг на вратата. „Го изгубивме“, ѝ рекол Чарли Велс, колега на Брајан.

„Главното прашање што секој си го поставува кога ќе се случи трагедија, е - Зошто?“, вели Кетлин.

Ужасот на губењето на нејзиниот сопруг се влошило затоа што таа морала да се бори за одговорите за тоа како тој починал. Кога го прашала командантот на единицата: „Како умре?“, тој само ѝ рекол: „Брајан беше херој“. Кога побарала да го види неговото тело, ѝ било кажано дека не е погодно.

„Постојано ме враќаа назад, постојано велеа не, уште од самиот почеток. Сакав да го видам мојот сопруг, сакав да има отворен ковчег. Сето ова ми го одзедоа, а јас бев премногу слаба и премногу ме болеше за да се борам“, вели таа.

Брајан бил полицаецот што ја зел торбата од шкафчето на железничката станица. Внатре пронашол шпорет без рачка, заедно со манифест од осум страници, во кој пишувало за потребата за ослободување на хрватскиот народ од потчинување, како и известување дека уште една бомба била скриена некаде во Њујорк.

„Подготвени сме да крениме во воздух авион полн со невини луѓе“, пишувало во манифестот.

Полицијата започнала да бара сомнителни пакети, а подземната железница прекинала со работа. Торбата била транспортирана надвор од станицата, на стап кој го држел Брајан од едната страна и неговиот колега Хенк Дворкин од другата страна. Бомбата била ставена во камион и однесена да биде детонирана, поставена во кратер од 8 метри.

Членот на тимот, Тери Мектиге, му наредил на Брајан и неговиот колега да ги сечат жиците на шпоретот под притисок. Кога бомбата не била детонирана, Брајан, Тери и Хенк повторно влегле во кратерот - тогаш уредот експлодирал. Брајан починал на лице место, а прстите на Тери биле целосно разнесени.

Во наредните неколку години Кетлин побарала одговор од Чарли Велс. Дали станувало збор за човечка грешка? Дали Брајан знаел дека ќе умре?

„Од експлозијата, во грлото му се закачи парче метал. Така почина“.

Со оглед на тоа што ѝ било кажано дека не може да го види телото на нејзиниот сопруг, Кетлин се прашувала дали Чарли ја кажува целата вистина. Нејзината борба за одговори ја однеле на суд, меѓутоа обвиненијата кон њујоршката полиција биле неуспешни.

„Фактот што не можеа да ми кажат или не сакаа да ми кажат, ме натераа да стапам во контакт со терорист“, вели таа.

Напаѓачите

„Транс Ворлд Ерлајнс 355“ летал од аеродромот „Ла Гвардија“ во Квинс до Тускон, Аризона, на 11 септември 1976 година. Меѓу 81 патник беа и Звонко и Џули Бушиќ, Хрват и неговата сопруга Американка.

Звонко отишол во тоалетот, и излегол со жици околу неговиот врат. Влегол во пилотската кабина и на пилотот му дал застрашувачка белешка.

„1. Овој авион е киднапиран; 2. Располагаме со пет бомби; 3. Ист тип на бомба ставивме во шкафче во хотелот Комодор; 4. Понатамошни инструкции се содржани во писмото во внатрешноста на ова шкафче. Бомбата може да се активира само со притискање на прекинувачот на кој е прикачен, но се препорачува претпазливост“.

Киднаперите наредиле авионот да лета за Париз. Полицијата одбила да преговара со терористите, па после неколку часа чекање, на крајот се предале. Немало втора бомба.

Неколку години подоцна, Кетлин добила писмо од затворот во Калифорнија. Писмото било од Џули Бушиќ. Во текот на наредните три години тие размениле 50 писма. Така, Кетлин ѝ простила на Џули за нејзината улога во смртоносниот заговор.

„Писмата ми помогнаа да се отворам, да испитам сè и да сфатам сè. Таа беше многу мудра жена, која изврши криминал и се каеше за тоа“, вели Кетлин.

„Простувањето е многу подобро од лутината. Не сум повеќе лута, не им сум лута на киднаперите, ниту на градот Њујорк“, вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот