X
 05.11.2021 Здравје

Главните причини за смрт од ковид-19 кај вакцинираните

Нови откритија на истражувачи од Шкотска ги идентификуваат карактеристиките на луѓето што умираат од ковид-19 и покрај тоа што се вакцинирани со две дози. Според истражувачите, главните причини за смрт од ковид-19 кај вакцинирани лица се староста од 80 години или повеќе, здравствени проблеми и полот.

Од 3,2 милиони луѓе што примиле две дози од вакцина во Шкотска до 18 август, од ковид-19 починале 236 лица. Од нив, повеќето имале над 80 години, а 62 отсто биле мажи.

Освен ковид-19, околу 97 отсто од овие луѓе имале барем една болест која им ја влошила здравствената состојба. Најчести биле хроничните болести на срцето или бубрезите, дијабетесот, болест на белите дробови и брзо или неправилно работење на срцето.


Фото: Pixabay

Истражувачите ги анализирале лицата што биле целосно вакцинирани против ковид-19 со „Фајзер“ или „Астра зенека“. Во помала група вакцинирани лица со вакцина на „Модерна“ не бил регистриран ниту еден смртен случај за време на истражувањето.

- Нашите наоди укажуваат дека лицата на возраст од 18 до 64 години што се целосно вакцинирани имаат речиси четирипати поголема заштита од смрт од ковид-19 во споредба со оние што не се вакцинирани. Цифрите се уште поголеми за оние што се постари, вакцинираните со две дози на возраст од 65 до 79 години имаат 15,5 пати поголема заштита од смрт од нивните невакцинирани врсници, а за возрасните постари од 80 години таа заштита е зголемена до 30 пати - наведува докторката Џоси Мареј.

Таа апелира сите што биле повикани да се вакцинираат, да го сторат тоа, без разлика дали е за прва, втора или трета доза, бидејќи така си ја зголемуваат заштитата од ковид-19.

Извор: Eklinika
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје