X
 05.11.2022 Живот

Зошто сакаме да гледаме филмови кои знаеме дека ќе нѐ расплачат?

Некои филмови оставаат големи траги, како „Титаник“ и други драми на кои сите сме плачеле. Меѓутоа, зошто луѓето си дозволуваат да гледаат вакви филмови иако знаат дека ќе плачат на нив?

Според психологот Одри Тенг, за многумина, емоционалните мозоци имаат тешкотии да прават разлики помеѓу реалноста и фантазијата. Затоа, иако знаеме дека сме пред телевизорот, се поврзуваме со емоциите на ликовите што ги следиме. Притоа, ги пресликуваме сопствените емоции на овие ликови.

- Понекогаш, настаните низ кои минува еден лик може да поттикнат спомени за работи што сме ги искусиле во нашиот живот. Или може да ги пресликаме нашите емоции или искуства на некој лик. Затоа, кога плачеме, не секогаш плачеме за ликот, туку плачеме за она што било поттикнато во нас - објаснува Тенг.


На некои луѓе филмот им дава дозвола да ги испуштат емоциите кои обично се принудени да ги потиснуваат. Затоа, доколку плачете на филмови, тоа не мора да значи дека сте многу емотивни, туку дека имате причина за плачење.

Според Софи Скот, професор по когнитивна невронаука, научниците не знаат што се случува во мозокот додека плачеме на филмови. Она што се знае е дека гледањето тажни филмови стимулира мрежа на региони во мозокот кои се поврзани со покажување емоции.

Според Скот, 85 отсто од луѓето се чувствуваат подобро по плачење, па затоа можеби луѓето потсвесно гледаат тажни филмови за кои знаат дека ќе ги расплачат.

Извор: Independent
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот