X
 05.12.2018 Наука

Исчезна кинескиот научник што ги создаде првите генетички модифицирани бебиња

Пред само неколку дена сите очи беа вперени во Хе Ѓенкуеј, кинескиот истражувач кој стои зад контроверзното создавање на генетички модифицирани бебиња.

Во средата тој го претстави своето истражување на Универзитетот во Хонгконг, по што следуваше голема реакција од научната заедница, а кинеската влада набрзо потоа му забрани да продолжи со истражувањето.

Сега никој не знае каде е Хе. Во текот на викендот имаше шпекулации дека претседателот на Јужниот универзитет за наука и технологија, поранешниот работодавец на Хе, го принудил научникот да се врати во Шенџен, Кина, каде што, наводно, е задржан во притвор.

Во понеделникот кинеските медиуми објавија соопштение од универзитетот во кое, сепак, не беше целосно демантирана шпекулацијата.

- Сега ничија информација не е точна, само официјалните канали се точни. Моментално не можеме да одговараме на прашања во врска со оваа тема, но ако имаме информации, ќе ги пренесеме преку нашите официјални канали - истакна портпаролот на универзитетот.

Веројатно Хе ќе се појави, но во тој момент ќе треба да се помири со истрагата на кинеското министерство за наука и технологија. Резултатите од истрагата би можеле да ја обликуваат иднината на генетичкото модифицирање - ако Кина го казни Хе за неговите постапки, тоа би можело да одврати други научници од следење на патот „побарај прошка, не дозвола“ кога ќе ги вршат истражувањата. Попустливоста може да има спротивен ефект.

Сепак, без разлика на тоа како ќе се одвива истрагата, Хе го натера човештвото да премине линија и од тој чекор нема враќање. Сега живееме во свет во кој првите луѓе со Crispr-модифицирани гени се родени. Дали ќе бидат последни или први, останува да видиме.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука