X
 05.12.2018 Живот

Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле и оставиле десет евра

Група мигранти, кои од Турција стигнале во Грција, во селото Неа Виса во близина на грчко-турската граница кај Еврос, за да се стоплат во текот на ноќта и да ги издржат ниските температури, се послужиле со дрва за огрев оставени пред локално кафуле што било затворено. Но, не сакале да ги украдат дрвата, па затоа на сопственикот му оставиле писмо и 10 евра.

 - Синоќа, група луѓе дојдовме од Турција, а поради ладното време, требаше да запалиме оган и ги искористивме вашите дрва. Ве молиме земете ги парите - пишува во писмото што му го оставиле на сопственикот.

За невообичаената случка објавија локалните медиуми, а сопственикот во изјава за солунското „Радио Тесалоники“ изјави дека кога утрото го отворил кафулето, го чекало изненадување, јави дописничката на МИА од Атина.

 - Ова ми остави голем впечаток. Беше спакувано и не се гледаа 10-те евра. Си помислив што може да биде ова. На англиски беше напишано - раскажува Димитрис Казанѕис, сопственикот на кафулето и објаснува дека писмото со парите било закачено на влезната врата.

Тој додава дека такво нешто досега не му се случило, иако во неговото кафуле често поминуваат мигранти, кои никогаш не предизвикале некаков проблем.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот