X
 05.12.2019 Живот

Ова се најмоќните луѓе во Европа

На врвот на листата се наоѓа францускиот претседател Емануел Макрон, додека останатите 27 луѓе се поделени во три категории што претставуваат три вида моќ: луѓе од акција, нарушувачи и сонувачи.

Како што се наведува, овогодишната листа се состои од луѓе со најголема моќ и влијание во европската политика, а на неа се наоѓаат 19 мажи и 9 жени, односно 20 политичари, четири активисти, три јавни функционери и една личност од технолошкиот сектор.

Како што е веќе споменато, на врвот на листата се наоѓа Макрон, кој го искористи вакуумот што настана поради Брегзитот и слабоста на Германија, и се спротивстави на досегашната политика на проширување на Европската Унија и ги спречи преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Веднаш зад него на листата е Маргрет Вестагер од Данска, која се наоѓа во групата со луѓе од акција која доби втор мандат во Европската комисија како комесар за конкуренција, што е една од областите во кои таа има овластувања што не се двоуми да ги изврши. Во истата категорија се наоѓаат и претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, рускиот претседател Владимир Путин, британскиот премиер Борис Џонсон, германската канцеларка Ангела Меркел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ирскиот премиер Лео Варадкар, поранешниот и веројатно иден австриски канцелар Себастијан Курц и европскиот комесар за трговија Фил Хоган.

evropa

Во категоријата нарушувачи се наоѓаат девет лица. Тука на прво место се најде советникот на британскиот премиер, Доминик Камингс, кој е познат по тоа што на Британија ѝ приреди шок во 2016 година откако се откри дека тој бил мозокот на кампањата за излегување од ЕУ, а „Политико“ наведува дека со оглед на тоа што го почитува Ото фон Бизмарк, политичките намери често ги споредува со воена стратегија.

На второ место е лидерот на германската партија „Зелени“, Роберт Хабек, кој успеал да ја удвои популарноста на партијата откако ја презел лидерската позиција и за кого се смета дека би можел да стане првиот германски канцелар од редовите на „зелените“. Во оваа категорија се најде и извршниот директор на „Фејсбук“, Дејвид Маркус, познат по тоа што се обидуваше да ја наметне криптовалутата либра, лидерот на италијанското движење „Пет ѕвезди“, Матео Ренци, шкотската премиерка Никола Старџон, шефот на германската агенција за заштита на податоци, Јоханес Каспер, францускиот левоориентиран политичар Франсоа Руфин, првата словачка претседателка Зузана Чапутова, која својата позиција ја користи како платформа за префрлање на политичките разговори на теми како корупција, животна средина и ЛГБТ-права.

Во оваа категорија се најде и италијанскиот министер за внатрешни работи и лидер на десничарската „Лига“, Матео Салвини, за кого „Политико“ наведува дека можеби останал без функција, но не излегол од кадар.

Категоријата сонувачи ја предводи шведската активистка Грета Тунберг, која со своите активности доби поддршка од многубројни еколошки партии, особено во Германија, Белгија и Холандија. Во истата категорија се најде и унгарскиот премиер Виктор Обран, за кој се вели дека е предводник на национализмот во ЕУ, францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, Германката Карола Рекетер, која стана позната благодарение на спасувањето на мигрантите кај италијанскиот брег, генералниот секретар на Европскиот парламент, Клаус Веле, британската комесарка за информирање Елизабета Деам, германскиот писател Гоц Хубичек, германскиот министер за финансии Олаф Шолц, работникот од компанијата „Деливеро“, Жан Даниел Замор, кој го привлече вниманието укажувајќи на работните услови на доставувачите.

Порталот „Политико“ образложи дека ја составувал листата така што на неа можеби не се највлијателните луѓе во Европа, туку оние што имаат важно и неочекувано влијание.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот