X
 05.12.2021 Наша тема

Битолчанец прв во спуст со велосипед во Грција, високи казни за пластични кеси, ХИВ-вирусот... Што пишувавме неделава


Новиот стрип на Матеј Богдановски го прикажува Скопје гледано од друг агол, од шахтата на Пацоф: Не мислам дека уметноста може да го менува општеството, барем не директно или непосредно. Историски гледано, никогаш не го правела тоа, туку била рефлексија на општествените случувања. Неретко уметниците не се ни сфатени во своето време, па нивните пораки ги разбирале отпосле, вели Матеј Богдановски.

Фотонапонски системи во земјава има на 108 јавни згради и 3 здравствени установи: Со Декларацијата младите неодамна побараа носителите на одлуки да ги поттикнат јавните и приватните институции да користат обновливи видови енергија, особено соларна преку децентрализирано производство на енергија.

Од 9.000 до 140.000 евра казна за трговците што нема да го почитуваат Законот за забрана за пластични кеси: Оваа мерка не е за граѓаните да почувствуваат финансиски товар, туку да се поттикнат здрави навики. Финансиски товар ќе почувствуваат само оние што нема да сакаат да се приспособат на мерката. Според мене, компаниите имаа време да се адаптираат на промените. Мерката е донесена на 15 септември. Производителите произведуваат само биоразградливи кеси, па оттука само биоразградливи ќе им бидат достапни, вели Борче Кузмановски, програмски координатор за социјална инклузија и зелена економија во „Гоу грин“.

ХИВ-вирусот не смее да остане табу-тема, а младите да бидат неинформирани: Весна Илиевска, проектна координаторка во Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - ХЕРА, вели дека денес се проценува дека во нашата држава секое трето лице што има ХИВ не го знае својот позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е многу важно затоа што благодарение на терапијата, луѓето со оваа болест може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата што немаат, но доколку добијат третман навреме.

Прв во Грција во спуст со ендуро велосипед, бестрашниот Јовче Даскаловски од „Екстрим бајк тим Битола“
Сѐ поголем замав зема даунхил-велосипедизмот кај младите, во велосипедските паркови низ Австрија во март намерно го топат снегот за да започне што е можно порано сезоната на планински велосипедизам, но, за жал, во Македонија има само две специјално наменети патеки за овој спорт, вели Даскаловски.

Место во кое се создаваат мали херои со големи соништа, едукаторката Бернанда го подобрува квалитетот на живот на децата со попреченост: EUFONIA LEARN Скопје“ сака да ги охрабри сите родители да се јават и да побараат консултација со стручно лице веднаш штом ќе забележат какви било отстапки во развојот на нивните деца, затоа што раната интервенција игра важна улога во целиот процес.

Без сензационализам при известување за деца и млади, апелира Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ: Да се користат фотографии, изјави и видеозаписи од деца и млади во позитивен контекст со обезбедување претходна согласност од родител/старател/институција-старател. Медиумите имаат клучна одговорност да промовираат почитување на различностите и култура на некршење на детските права, а ова би имало долгорочен позитивен ефект врз општеството како целина, вели Тунева.

Скопје да се промовира како позитивна туристичка бренд-дестинација, вели проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература: Институтот за македонска литература неодамна беше овенчан со наградата „13 Ноември“ за 40-годишна работа во областа на науката, образованието и културата во соработка со Градот Скопје.


Издвојуваме

Наша тема