X
 05.12.2022 Живот

Поради климатските промени, сега во Босна се одгледуваат маслинки

Земјиштето на винарот и маслинкар Јуре Сушац во Љубушки, Босна и Херцеговина, некогаш било покриено со мраз, но годинава топлото време се задржа подолго.

На крајот од октомври имало 28 степени и токму тогаш тој со фамилијата и пријателите ги обрал маслинките. Глобалното затоплување секаде во светот предизвикува поплави и суши, а во Херцеговина сега успеваат маслинките.

- Тука се промени климата, зимите веќе не се екстремни и практично веќе нема смрзнување - вели Сушац.

Мештаните велат дека последен пат во Љубушки  паднал снег во февруари 2012 година. Поради температурите, кои се повисоки од вообичаените, а тоа им треба на маслинките, нивното производство во БиХ тројно се зголемило во периодот од 2015 до 2020 година, на 985 тони.

- Нема веќе ризик дека маслинките ќе замрзнат во зима - вели Сушац, кој планира да го дуплира бројот на стебла на 400.

На тоа го охрабрила и добрата берба од 5 тони маслинки, кои би требало да резултираат со околу 16 литри масло на 100 килограми.

Сушац во 1989 година бил меѓу првите во областа што се осмелиле да засадат маслинки.

- Прашав за совет некои од постарите соседи и ми рекоа дека тука никој не го работел тоа, а дури и малку ми се смееја. Но, докажав дека не беа во право - вели Сушац, кој со фамилијата управува имот од три хектари, на околу 30 километри од хрватскиот јадрански брег.

Според анализите на Федералниот агромедитерански завод во Мостар, трендовите покажуваат дека глобалното загревање ги носи маслинките посеверно. Временските статистики ја потврдуваат состојбата на терен.

- Должината на периодот со просечни дневни температури над 15 Целзиусови степени е многу важна за маслинките - вели Неџад Вољевица, агрометеоролог.

Сега во овој регион има 192 такви денови годишно, односно 18 дена повеќе отколку просекот регистриран меѓу 1961 и 1990 година.

Во Босна сѐ повисоките температури се придружени и од поретки врнежи, но областа е во предност поради подземните води во земјата, која, според Светската банка, има некои од најголемите резерви на вода по жител во Европа.

Како и неколкуте стотици одгледувачи на маслинки во Босна, од кои сите се во Херцеговина, Сушац ископал бунар длабок 300 метри, со што обезбедува систем за наводнување.

Според податоците, садењето маслинки во БиХ зело замав од 2005 година и годишно се садат од 10.000 до 15.000 стебла. Годинава ќе бидат произведени 300 илјади литри маслиново масло.

Извор: France 24
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот