X
 06.04.2021 Образование

МОН објави јавен повик за наградување ученици и наставници што победиле на меѓународен натпревар по математика и природни науки

Министерството за образование и наука објави јавен повик за доделување парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование.

Во повикот стои дека може да се пријават:

- ученици - државјани на Република Македонија, запишани во средно училиште на територијата на Република Македонија, и

- наставник - државјанин на Република Македонија, вработен во средно училиште на територијата на Република Македонија, кој го подготвувал ученикот за натпреварот,

а кои освоиле прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, одржан во учебната 2020/2021 година.

Под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави и притоа се споредуваат знаењата помеѓу учениците од различните држави и се рангираат нивните постигнувања, се дополнува во повикот.

Во него е објаснето дека доколку на меѓународниот натпревар има повеќе ученици што освоиле прво, второ или трето место, односно има повеќе ученици што освоиле златен, сребрен или бронзен медал, се доделува парична награда само на оние ученици што се рангирани на прво, второ или трето место, односно за првите три ученици кои имаат освоено најмногу бодови, согласно ранг-листата од меѓународниот натпревар. Доколку на ранг-листата има двајца или повеќе ученици кои освоиле прво, второ или трето место и се со ист број на бодови, Министерството ќе додели парична награда за сите ученици со ист број на бодови.

МОН ќе додели поединечно парична награда во износ од 50% од просечната нето-плата исплатена по работник во Република Северна Македонија во последниот месец пред доделувањето за освоено прво место, 40% за освоено второ место и 30% за освоено трето место.

Повикот е отворен и пријавите може да се доставуваат преку пошта на следната адреса: ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје, со назнака „За Јавен повик за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот од средното образование“, најдоцна до 31.08.2021 година.

За начинот на пријавување и преземање на потребните документи, одете ТУКА.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование