X
 06.05.2018 Живот

Научник кој во 104-та година од животот се одлучил за евтаназија, има важна порака

Еден од најстарите научници на светот, Австралијанецот Дејвид Гудал има 104 години. Иако води успешен и исполнет живот, смета дека живеел предолго. Како што вели, сега е спремен да умре.

Гудал нема терминална болест, но бара доброволна евтаназија поради влошување на квалитетот на животот што го води. Неговата ќерка Карен Гудал Смит морала да се избори за нејзиниот татко да го ослободи од болницата после неколку неуспешни обиди за самоубиство.

На аеродромот во Перт се збогувал со внуката пред летот во Швајцарија, каде во клиниката за евтаназија ќе го заврши неговиот животен пат.

Цел живот Дејвид во авионите патувал во економска класа, но овој пат пријателите го наговориле да направи исклучок и да лета во бизнис класата.

Најстариот австралиски научник последните две децении бил член на „Егзит Интернешнл“, непрофитна организација што се залага за легализација на евтаназија во Австралија. Длабоко во староста уживал во здрав и квалитетен живот. На 90 години тој и понатаму играл тенис, но тогаш започнал да има проблеми со видот.

Ја задржал почесната положба на научен советник на Универзитетот Едит Кован во Перт. Во 2016 година светските медиуми пишувале за тоа дека неговата матична институција одлучила да му даде отказ поради образложението дека е опасен по самиот себеси. Подоцна одлуката била отфрлена.

Но последните години здравствената состојба започнала забрзано да му се влошува. Пред неколку месеци паднал во неговиот стан во Перт и останал да лежи така неколку дена, додека не го пронашла неговата куќна помошничка.

- Повикав помош, но никој не ме слушна - раскажува тој.

Во последните година дена се обидел да изврши самоубиство, но без успех. Смета дека умирањето е дел од животот.

- Зошто би ме направило тажен? Сметам дека умирањето е природна работа - објаснува тој.

Не е среќен што тоа не може да го направи во својата земја, туку е присилен да патува на потпомогната евтаназија во Базел, Швајцарија.

- Кога човек ќе ги помине средните години од животот, тој го платил долгот кон општеството. Би требало останатиот дел од животот да го искористи по сопствен избор. Ако одлучи да се убие, тоа е сосема во ред. Мислам дека не треба никој да се меша во тоа - вели тој.

Евтаназијата и потпомогнатото самоубиство се нелегални во повеќето земји во светот, но во некои држави како Швајцарија, Белгија, Луксембург и Холандија, едната или двете пракси се легализирани. Во 2014 година во Швајцарија биле изведени 742 потпомогнати самоубиства, воглавно смртно болни луѓе.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот