X
 06.06.2022 Живот

Русите се бореа да ја задржат: Област каде што живеат повеќе муслимани и сите имаат различен јазик

Кавказ е мултиетничка област каде што живеат луѓе од различни религии, зборуваат различни јазици и почитуваат различни обичаи. Значителен дел од оваа област ѝ припаѓа на Руската Федерација.

Станува збор за претежно планински терен кој се наоѓа помеѓу Каспиското и Црното Море. Таму со векови живееле десетици етнички групи, а поради оддалеченоста на планинските населби, овие групи развиле различни јазици и религии. Сепак, сите тие имаат сличен начин на живот. Затоа Кавказ не е само географски концепт, туку и историски и културен. Денес Кавказ е поделен на Север и Јужен, при што Јужен Кавказ се состои од постсоветски држави, а северните национални републики се дел од Русија.

Кога Кавказ станал дел од Русија?

Кавказ одамна е на крстопат: место каде што се вкрстуваат интересите на соседните земји: Персија (модерен Иран), Отоманската Империја (Турција) и Русија. Во подножјето на Кавказ, Русија основала козачки населби и утврдувања со цел да ги заштити јужните граници од инвазијата на номадските племиња. Истовремено, таа барала нови трговски патишта за поврзување на Азија и Европа. Интересно е што многу народи (Осети, Кабардијани, Ингуши, Грузини и други) барале заштита под покровителство на руските цареви и сакале да ѝ се приклучат на Русија. Меѓутоа, поради некои територии, Русија морала да влезе во низа конфликти.


Кавказ конечно станал дел од Русија дури во 1864 година, по Кавкаската војна. Во советско време, регионот на Кавказ добил суверени административни граници и автономија во рамките на голема земја. По распадот на Советскиот Сојуз, Грузија, Ерменија и Азербејџан станале независни држави, додека републиките од Северен Кавказ станале дел од Русија.

Кои области на Кавказ се дел од Русија?


Во Северен Кавказ има седум републики: Адигеја (главен град Мајкоп), Карачај-Черкезија (главен град Черкеск), Кабардино-Балкарија (главен град Наљчик), Северна Осетија-Аланија (главен град Владикавказ), Ингушетија (главен град Магас), Чеченија (главен град Грозни), Дагестан (главен град Махачкала).

Ставрополскиот и краснодарскиот крај се исто така дел од кавкаскиот историски и културен регион.

Покрај рускиот, во републиките по службена должност се користат и локални јазици. На пример, во Карачајево-Черкезија такви јазици се: абазински, карачајски, ногајски и черкески. Но, Дагестан е шампион и област каде што се употребуваат дури 14 јазици. Сите се толку различни што жителите на соседните села не можат да се разберат едни со други на својот мајчин јазик и мора да користат руски.


Кој живее во рускиот Кавказ?

Северен Кавказ е најнаселен регион во Русија. Според пописот од 2010 година, таму живеат околу 15 милиони луѓе, припадници на 50 етнички групи.

Освен Русите, меѓу најголемите етнички групи се Чеченците, Черкезите, Аварите, Даргините, Осетите, Ингушите и други народи.


Интересно е да се истакне дека жителите на Кавказ се претежно муслимани, само православието е пораспространето кај Осетите.

И покрај големите разлики, луѓето од Кавказ имаат многу заеднички работи. Тие главно го задржуваат традиционалниот начин на живот: претпочитаат да живеат во куќи наместо во станови (таму е најниска урбанизацијата во Русија), главно се занимаваат со земјоделство и имаат традиционални ставови за семејството (често постарите роднини се вклучени во изборот на идниот брачен другар).

Извор: b92.net
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот