X
 06.07.2020 Технологија

„Фејсбук“ по грешка споделувал податоци од корисници со 5.000 надворешни апликации

Се чини дека секоја година се појавува понекој скандал поврзан со приватноста на корисниците на „Фејсбук“. Овој пат се известува дека најмалку 5.000 апликации на социјалната мрежа задржале податоци од корисници кои требало да бидат автоматски избришани.

Од „Фејсбук“ откриваат дека најмалку 5.000 апликации имале пристап до податоци дури и кога корисниците не биле активни повеќе од 90 дена. Механизмот со кој автоматски се блокира пристапот до податоците по 90-дневна неактивност не функционирал. Од компанијата изјавиле дека проблемот бил поправен дента кога бил откриен.


Фото: Pexels

Компанијата „Фејсбук“ се обидува да биде потранспарентна во начинот на кој ги чува податоците на корисниците кога се поврзани со други апликации. 90-дневниот период е мерка имплементирана по скандалот со „Кембриџ аналитика“ во 2018.

Компанијата знае колку апликации го задржале пристапот до податоците на корисниците, но не изјавила колку корисници се погодени.

Според компанијата, информациите што биле споделени не вклучувале податоци за кои корисникот не дозволил користење кога го направил профилот и проблемот се јавил во одредени случаи, како кога еден корисник поканува друг корисник да вежба преку апликација за фитнес. Алгоритмите на „Фејсбук“ не препознале дека поканетите пријатели не биле активни и затоа нивните податоци продолжиле да се споделуваат со апликациите.


Фото: Pexels

Компанијата во август ќе воведе нови правила за апликациите што ја користат мрежата, кои треба да го ограничат споделувањето на податоците на корисниците со други апликации надвор од мрежата.

Овој проблем не е толку голем како скандалот со „Кембриџ аналитика“, но покажува дека податоците на корисниците и понатаму не се 100% безбедни на социјалната мрежа.

Извор: techspot.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија