X
 06.08.2020 Наука

Еден вид ракови ја разградуваат микропластиката, но тоа не е добра вест

Ирски научници откриле дека еден вид ситни слатководни ракови се во состојба да ја разградат микропластиката на најситни честички за само неколку дена, што е многу побрзо отколку што досега се веруваше, но тоа ги загрижило. Тоа значи дека честичките на пластика со микроскопска големина стасуваат до синџирот на исхрана на досега непознат начин.

Досега се веруваше дека распаѓањето на пластиката во морињата се одвива главно преку многу бавни процеси - со механичкото дејство на брановите или пропаѓање при долготрајно изложување на сонце.

Меѓутоа, научниците од ирскиот Универзитет „Корк“ откриле дека малечките амфиподни ракови, кои живеат во слатководните екосистеми, се во состојба многу брзо да ја разградат микропластиката - парчињата помали од 5 милиметри за помалку од 100 часа ги претвораат во нанопластика - честички помали од еден микрометар.

- Откривме дека слатководните амфиподни ракови Gammarus duebeni се во состојба за помалку од 4 дена да ја раситнат микропластиката во различни облици и големини, вклучувајќи ги и честичките на нанопластика - истакнува Алисија Матеос-Карденас, раководител на проектот.

Иако овој вид ракови живеат во ирските потоци, тие спаѓаат во поголема фамилија на безрбетници кои ги населуваат слатководните екосистеми и океаните во целиот свет, така што ова откритие е многу важно за разбирање на влијанието на микропластиката врз животната средина.

Слатководните безрбетници ја ситнат микропластиката во рамките на вообичаениот дигестивен процес, но ова не е нужно добра вест кога станува збор за пластичниот отпад кој ги загадува океаните и водените текови, туку ирските научници сметаат дека ова откритие е алармантно.

Познато е дека микропластиката се задржува во дигестивниот систем на птиците и рибите, но ова откритие посочува на тоа дека помалите честички на нанопластика што ги создава овој вид би можеле да продрат и понатаму - во клетките и ткивата - а потоа би било многу потешко да се предвидат последиците од нивното таложење.

- Овој вид безрбетници се многу важни за екосистемот бидејќи се храна за птиците и рибите. Затоа може да се очекува дека толку ситни, толку невидливи остатоци од пластика ќе стасаат до синџирот на исхрана. Сознанијата од оваа студија ќе помогнат да се сфати улогата на животните во разградувањето на пластиката во нашите води, но несомнено е потребно итно да се направат дополнителни истражувања за да можеме да го откриеме целосното влијание на тие честички врз животната средина - предупредува Матеос-Карденас.

Извор: Nezavisne
Насловна фотографија: Twitter
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука