X
 06.09.2017 Култура

Пет најдобри апликации за временска прогноза

Доколку ве интересира какви временски услови нè очекуваат, ова се петте најдобри апликации за таа област. Сите апликации се достапни за бесплатно преземање од „Гугл плеј“, а придружени се со реклами кои можете да ги отстраните со одреден надоместок. Некои од нив нудат можност за купување во рамките на апликацијата, како надградба на премиум-изданијата. Сите се тестирани на два уреда со оперативниот систем „Андроид“ на „Гугл“, изданија 5.0.2 и 7.0.

1Weather

Апликацијата на компанијата OneLouder Apps веќе надмина 10 милиони преземања од „Гугл плеј“, а притоа успеа да ја задржи високата просечна оцена. Заедно со стандардните функции, како прогноза по часови и денови, нуди пристап до различни информации, како и можност за додавање виџет, како и преглед на радарски фотографии за поширокото подрачје каде што се наоѓате.

Многу е едноставна, што воедно е и предност, но и недостаток. Имено, лесна е за совладување и употреба. Но, од друга страна, не нуди повеќе податоци, информации и можности како некои други апликации. Прогнозите и другите податоци можат да се споделуваат директно само на „Фејсбук“. Како бонус може да се смета поддршката за оперативниот систем на „Гугл“ за лого-компјутери, Android Wear, како и можност за следење на прогнозите за 12 града на 25 светски јазици.

GO Weather

Исто така многу популарна апликација (повеќе од 50 милиони преземања) која нуди прогноза, радарски преглед на ситуацијата, сегашното време, брзина на ветер, предупредувања за екстремни временски услови и друго, врз база на податоците на исто така популарниот метеоролошки сервис Accuweather. Авторите на апликацијата тврдат дека таа покрива повеќе од 200 илјади локации во светот.

Приказот на прогнозата е допадлив. На екранот добивате два различни графикони кои прикажуваат какви температури се очекуваат во текот на денот истовремено со прогноза за следните пет дена, и дали ќе има врнежи или не. Како недостаток на оваа апликација треба да се потенцираат агресивните реклами. Функциите што бесплатно се достапни кај другите апликации, како на пример радарските прегледи или прогноза за следните десет дена, тука се заклучени и бараат надоместок за користење.

Weather Channel

Една од најпрепознатливите апликации за временска прогноза (исто така со над 50 милиони преземања) ги покрива основните елементи што ги очекуваме – температура на воздухот, предупредувања за екстремни временски услови и прогноза (по час, дневно, 48 часа или 15 дена) –  но и вонредни вести поврзани со временските услови и предупредувања за можни грмежи и полен.

Апликацијата доаѓа со повеќе разновидни виџети и посебен интерфејс за таблети. Радарскиот приказ донекаде може да се приспособи со проширување на екранот и со поставување геолокации. Нуди и препораки за начинот на возење на автомобилот во зависност од условите, како и разни спортски активности, како трчање или скијање. Приказот би можел да биде и подобро дизајниран, но нуди брз и едноставен увид во основните информации, вклучително и атмосферскиот притисок, како и брзината на ветерот. Можно е и да одредите кои предупредувања ќе ви ги праќа апликацијата, како и да се исклучи по потреба.

Weather Underground

Ако сакате повеќе податоци, оваа апликација е добар избор. Освен понудата што ја имаат и другите апликации, тука има и податоци за УВ-зрачењето, како и за локалните епидемии на грип (за жал, единствено во САД). Особено интересно е што има и преглед на вести, блогови и иконографики поврзани со временските услови, како и посебни информации за скијачите. Нуди и пригодни функции, како прегледи кога изгреваат и заоѓаат сонцето и месечината, како и увид во низа веб-камери поставени на различни локации во многу земји.

Ако се приклучите во нејзината заедница Wunderground, ќе добиете пристапи до уште поголем опсег на податоци. Има јазична поддршка на многу светски јазици, но локализацијата не е најдобро изведена и сè уште мака мачи со прикажувањето на дијакритички знаци. Интерфејсот е прегледен и читлив, иако огласите се нападни. Можете да ги отстраните со наплата која чини еден долар.

Yahoo Weather

Оваа апликација најверојатно е најдобрата меѓу сите други што ги нуди Yahoo во својата понуда. Одлично е дизајнирана, нуди клучни информации за временските услови, прогнози (петдневна и десетдневна), предупредувања, радарски преглед и многу други работи, со можност за следење до 20 града. Се издвојува по тоа што од сервисите на Flickr повлекува прилично добри и пријатни фотографии за око, а можете и самите да испратите свои.

Меѓу сите други споменати апликации, има далеку најдобра интеграција на реклами во содржината и вонредно пријатен  и прегледен интерфејс. Освен тоа, покрај радарски прикази нуди и прегледи според температурите и ветерот.

Која апликација да се избере?

Одговорот на ова прашање во голема мера зависи од вашите потреби и преференции. Сите предложени апликации нудат основен функционален сет нужен за да бидете правовремено информирани за времето што ве очекува. Сите функционираат еднакво добро.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура