X
 06.09.2021 Живот

Добитокот е банкарска сметка во племето Туркана

На два часа од главниот град на Кенија, Најроби, се наоѓа селото на племето Туркана.

Животот на овој народ воопшто не е лесен, а основниот проблем е снабдувањето со вода. Главниот дождлив период во оваа област трае само два месеца, додека кратки периоди со врнежи се случуваат само во есен, во текот на октомври и ноември. Поради тоа, членовите на племето морале да копаат бунари во сувите речни корита за да можат да ги напојат своите животни. Понекогаш тие мора да пешачат по неколку часа за да најдат соодветен извор на вода.

туркана
Фото: Facebook

Племето Туркана сѐ уште не го почувствувало влијанието на западната цивилизација, па затоа живее на многу традиционален начин. Бројот на животни и разновидноста на стадото се тесно поврзани со статусот на семејството во заедницата. Стадата се нивна банкарска сметка.

Племето главно се занимава со сточарство, а мажите се задолжени за тој дел од работата. Тие го носат добитокот на пасишта и до поилата, додека другите се занимаваат со изградба на куќи и изработка на накит.

1
Фото: Facebook

Облеката на племето е шарена и весела. Жените ставаат накит од бисери. Количината и квалитетот на овој накит укажуваат на социјалната положба на жената, така што луѓето можат да го одредат нејзиниот статус со еден поглед. Затоа родителите побрзо би го вложиле својот имот во ѓердани отколку во образование на  децата.

Мажите не ги гледаат жените ако тие немаат богато украсени ѓердани околу вратот. Затоа жените секогаш ги носат, дури и кога спијат. Не носат накит само кога се во жалост. Мажените жени носат метални ѓердани кои имаат иста функција како венчалниот прстен. Постарите жени носат обетка на усните.

3
Фото: Facebook

Но, накитот не е само женска работа; и мажите имаат свој заштитен знак - рачно изработени алуминиумски обетки. Сепак, најубавата декорација на мажите се пердувите, а пердувите од ној се нивна гордост.

Полигамијата е дел од културата на овој народ. Мажите стапуваат во брак на 20-годишна возраст и можат да имаат до шест жени, во зависност од имотот со кој располагаат. Тие секогаш носат оружје, и тоа не само за одбрана на добитокот, туку и во случај на конфликти со други племиња, кои се доста присутни во овој регион.

5
Фото: Facebook

Припадниците на племето ја следат традиционалната африканска религија. Тие му се молат на својот бог Акују или на духовите на нивните предци за благослов во тешки времиња. Припадниците на племето Туркана веруваат дека секојдневното следење на нивната традиција ќе доведе до благослов, што ќе обезбеди поголемо богатство, без разлика дали станува збор за добиток, жени, деца или храна.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот