X
 06.11.2017 Живот

Зошто родителите не треба да учат со своите деца?

Многу често поради грижа околу оценките, семејствата буквално се распаѓаат, се уништуваат односите, родителите и децата меѓусебно се оддалечуваат.

„Да повторам уште еднаш: не треба да учите со децата! Не треба да им ја подготвувате училишната чанта! Не треба ни да ги прашувате како им е на училиште. Така го нарушувате односот и крајниот резултат секогаш е негативен. Сигурно имате некоја друга тема на која можете да зборувате со децата.

Детето мора да има свое слободно време кога не прави ништо: од два до четири часа дневно. Преамбициозните, таканаречени „грижливи“ родители ги пренатрупуваат децата: јазици, ликовна секција, спорт... Од тоа најмногу се добива нервоза.

Во однос на училиштето и педагозите, треба во вистинска смисла да бидете на страната на вашето дете. Чувајте ги децата. Не стравувајте од лошите оценки. Стравувајте вашето дете да не се оддалечи од училиштето и од учењето.

Тешко е да се каже кој претрпува психолошки притисок - одличниот или единичарот. Одличниот ученик кој макотрпно реди петки не е безгрижно дете и му недостига самопочит.

Ако вашето дете не е во состојба да учи само, сигурно постои некаква причина за тоа. Мрзливоста нема никаква врска. Категоријата мрзливост не постои во психологијата. Мрзливоста се смета за отсуство на мотивација и волја.

Причината зошто детето не може да учи и само да ги работи домашните задачи може да биде од различна природа: интракранијален притисок, зголемен тонус на мускулите, психолошки проблем, АДХД. И наместо да седите со него над учебниците, подобро би било да се обидете да го дефинирате и потоа да го третирате вистинскиот проблем.

Постојат родители кои сакаат да одгледаат одговорни, самостојни, успешни деца. А постојат и родители чија цел е целосна контрола над детето, а во каква личност тоа дете ќе порасне, воопшто не им е важно.

Многу често поради грижа околу оценките, семејствата буквално се распаѓаат, се уништуваат односите, родителите и децата меѓусебно се оддалечуваат. Психата на тинејџерите и онака е чувствителна.

Како да се избегне целиот кошмар или да се намалат последиците? Сметам дека треба да се насочите кон љубовта и вредностите.

Запаметете дека за кратко време ќе исчезнат оценките и испитите, а единствената важна работа е дали сте ги зачувале близината, довербата и искрениот однос со вашето дете.

Бидејќи може да добие петка, но да ја изгубите ќерката. Може да победи на сите идни натпревари, да се запише на престижен факултет, но неповратно да го изгубите меѓусебниот однос“.

Автор: Михаил Лабковски
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот