X
 06.11.2018 Технологија

„Тесла роудстер“ го одмина Марс

„Тесла роудстер“, заедно со куклата Старман, сега е малку подалеку од орбитата на Марс. На автомобилот, кој е лансиран во вселената на почетокот од февруари со првиот лет на ракетата „Фалкон хеви“, за преминување на патната линија на Марс му беа потребни речиси девет месеци.

Од компанијата „Спејс икс“ на „Твитер“ објавија дијаграм од моменталната локација на Старман со посветено особено големо внимание на книгата „Автостоперски водич низ галаксијата“ од Даглас Адамс, која Илон Маск ја обожава. Имено, во твитот пишува дека следната станица е ресторанот на крајот од универзумот, што го содржи насловот на втората книга во серијалот на Адамс.

Лансирањето на автомобилот се сметаше за еден од обидите за создавање публицитет од страна на Маск. Последната фотографија од Старман во неговиот автомобил ја видовме по само еден ден од лансирањето бидејќи по 24 часа се испразнија батериите на автомобилот, па се исклучи камерата.

Сепак, автомобилот нема да остане во близина на Марс. Според одредени пресметки, автомобилот и патникот би требало да се појават на неколку стотици илјади километри од Земјата во околу 2091 година. Исто така, се претпоставува дека автомобилот ќе се судри или со површината на Венера или со површината на Земјата, веројатно во следните неколку десетици милиони години. Шансите за судир со Земјата во следните милион години се околу 6 отсто, а со Венера околу 2,5 отсто.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија