X
 06.11.2020 Здравје

Состојбата е крајно сериозна, се активираат плус болнички капацитети, Филипче тврди дека има места за ковид-болните

И покрај тоа што на социјалните мрежи се споделуваат апели за помош од пациенти и нивни блиски кои велат дека нема место во болница, Филипче вели дека место има

Во последниве недели се случува експлозија на вирусот и кај нас и во земјите во Европа. На континентот има 11,8 милиони заболени пациенти, како и 295 илјади починати. Кај нас состојбата е крајно сериозна, изјави на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
И покрај тоа што на социјалните мрежи се споделуваат апели за помош од пациенти и нивни блиски кои велат дека нема место во болница, Филипче вели дека место има.

Тој информира дека се реализира нов план, односно дека здравствениот систем е максимално мобилизиран бидејќи така налага ситуацијата.

- Во Европа минатата недела е забележан пораст на заразени за 46 отсто во споредба со претходната недела. Расте секаде и бројот на починати лица. Кај нас најголем проблем е дефицитарниот кадар и загрижува тоа што се пополнуваат болничките капацитети. Процентот на лица на кои им е потребна хоспитализација е 7, а бројот на сместени во болниците е 890 лица. Имајќи го предвид брзото пополнување, го активиравме нашиот план за дополнителни капацитети. Цела зграда за интерни болести ќе биде наменета за третман на болни од Ковид-19. Модуларната, Инфективна клиника, се полни. Во овој момент и во следниот период кога ќе започне пополнувањето, нема да се промени функционирањето на клиниките, „Мој термин“ ќе функционира. Ќе бидат ставени во функција 150 дополнителни кревети на интерните клиники, други 100 има на други одделенија и плус со други 100 располага „8 Септември“ - рече Филипче.

Периодов е голем притисокот врз службите за брза помош, додаде тој, а есенскиот бран го зголемил и притисокот врз пунктовите за тестирање. Министерот информира дека се зголемени капацитетите за 400 до 500 теста на ден, а вклучени се и брзите тестови.

- Здравствениот систем е максимално мобилизиран за да одговори на предизвикот бидејќи состојбата е сериозна. Мерките мора да се почитуваат. Вирусот е широко распространет. И најмало невнимание може да значи инфекција. Одлучивме дека во овој момент не треба да се воведат дополнителни рестрикции. Останува апелот да не се излегува од дома ако за тоа нема потреба. Проценивме и дека во овој момент нема потреба да се ангажираат приватните болници - кажа Филипче.

Се чека донација од Кина која досега требало да пристигне, но била одложена, а тоа се 60 возила за Итната медицинска помош. Тој увери дека во болниците и на клиниките има доволно раствори и антибиотици кои се препишуваат за оваа дијагноза.

Д-р Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за инфективни болести, рече дека околу 16 дена се лекува една средно-тешка клиничка слика на ковид-19, а за потешка клиничка слика закрепнувањето трае многу подолго.

- Пациентите со потешка слика имаат последици и потребно е подолго време за лекување. Кај нас на клиниката рационално се користи секое легло, вклучително и во модуларната болница. Се случува клиниката одеднаш да се полни, но истовремено и се испишуваат пациенти. Штом се ослободи легло, се чисти и се дезинфицира во собите за веднаш да се прими наредниот пациент и сето тоа се одвива со брза динамика - рече таа.

За жал, смртноста е висока, додаде директорката.

- Затоа од самиот почеток се плашевме и инсистиравме на вклучување и почитување на сите мерки. Изгубивме млади луѓе, од кои најголем број се со хронични болести. Се покажа дека сериозно висок ризик е дебелината. Ние сме таква нација, имаме вишок килограми, но луѓето кои се со поголем вишок се поризични. Сметам дека тоа не беше сериозно сфатено - рече д-р Стевановиќ.

Фото: Архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје