X
 07.01.2020 Наука

На денешен ден починал Никола Тесла, еден од најголемите умови на 20 век

Еден од најголемите умови на 20 век, српскиот научник Никола Тесла, почина на 87-годишна возраст на денешен ден, Божиќ, во 1943 година во Њујорк.

Бил роден на 10 јули 1856 година во Смилјан во Лика, а починал на Менхетн, во хотелот „Њујоркер“, во кој живеел во последните 10 години од својот живот.

По него е именувана единицата за мерење висок напон и единицата за јачина на магнетното поле, а неговото наследство било запишано во Регистарот на УНЕСКО во 2003 година.

Од 1994 година, аголот на 40-тата улица и 6-тата авенија во Њујорк се вика „Никола Тесла“. Тука се наоѓала неговата лабораторија.

Тесла бил заслужен за 700 патенти, од кои повеќе од 300 се заштитени во 27 земји на пет континенти.

Тогашниот градоначалник на Њујорк, Фјорело Ла Гвардија, прочитал проштален говор на погребот на Тесла, напишан од Луј Адамиќ, словенечки писател, есеист и преведувач.

„Овде, во Њујорк, минатата среда во својата хотелска соба почина еден човек. Се викаше Никола Тесла. Умре сиромашен, но беше еден од најуспешните луѓе што некогаш живееле. Неговите достигнувања се огромни и со текот на времето ќе станат сè поголеми“.

Embed from Getty Images

Ла Гвардија на радио за Тесла рекол дека можел да стане најбогатиот човек во Америка, но едноставно не сакал.

„Сакаше успех што го наменил за другите. Ги сакаше луѓето, беше научник - гениј, поет на науката. Не го интересирале парите и сè што правел го правел во согласност со неговиот природен дар, што во неговата родна земја му го подарила мајка му“ - изјавил тогашниот градоначалник на Њујорк.

Пријатели му биле и писателот Марк Твен и француската актерка Сара Бернар.

За него се снимени повеќе филмови, а во филмот „Престиж“ ликот на Тесла го глуми Дејвид Боуви.

Кариерата ја почнал во Марибор како асистент-инженер во 1878 година, но таа година, поради смртта на неговиот татко, за да ја исполни неговата желба, се запишал на факултет.

По студирањето во Прага почнал да работи во Будимпешта во Канцеларијата за централна телефонија, а потоа во Париз во континенталното друштво на Едисон.

Две години подоцна стигнал до Томас Едисон, кој тогаш бил најзначајна личност на полето на техниката во Америка.

tesla
Фото: Getty Images


Тесла го поднел првиот патент во САД во 1884 година, по напуштањето на компанијата на Едисон, и по основањето на „Тесла електрик лајт & менјуфактуринг“.

Создал и голем број пронајдоци што никогаш не се обидел да ги заштити, како што е примената на високофреквентната струја за медицински цели.

Неофицијалниот архивист на хотелот „Њујрокер“, Џозеф Кини, кој последните децении ги водел посетителите низ „хотелот на Тесла“ од 1933 до 1943 година, изјавил дека речиси секој ден доаѓа некој и бара да ги види собите 3327 и 3328 на 33 кат, каде што живеел Тесла.

Едната била спална соба, а другата работна соба. Тесла избрал хотелски живот за да не се грижи за средување на куќата, перење на облеката, приготвување на оброците, а благодарение на тоа драгоцено време, можел да се посвети на реализирање на неговите научни цели.

Го избрал хотелот „Њујоркер“ затоа што бил близу до неговата лабораторија, но и затоа што бил хотел со најсовремени технолошки решенија од тоа време, за кој било пишувано во 1930 година во списанието „Популарна наука“.

Урната со пепелта на Тесла од Њујорк била пренесена во Белград во 1951 година и се наоѓа во неговиот музеј на улицата „Крунска“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука