X
 07.01.2022 Наша тема

Од каде потекнуваат народните верувања за Божиќ?

Божиќ е семеен празник и се одбележува во домовите и во црквите. На Божиќ луѓето се поздравуваат со „Христос се роди – Навистина се роди“!

Божиќ е еден од трите најголеми празници кога, според христијанското верување, е роден Синот Божји, Исус Христос.
Божиќ е семеен празник и се одбележува во домовите и во црквите. На Божиќ луѓето се поздравуваат со „Христос се роди – Навистина се роди“.
Кај нас при славењето на Божиќ многу нешта се разликуваат од место до место, но Божиќ е незамислив без Бадник, бадниковото гранче, бадниковата вечера, на која присуствуваат членови од семејството и е посна, како и божиќната погача.
За Божиќ, пак, не се пости.
Суштината на Божиќ е во љубовта, простувањето и милосрдието.
Како настанале овие обичаи, зошто го празнуваме Божиќ?

Од каде потекнуваат народните обичаи за овој празник, за кои црквата честопати вели дека немаат верски карактер и дека се дел од паганската традиција на празнувања меѓу народот.



Овие дилеми ги има во етнологијата и во културолошките толкувања.
Етнологот Даворин Трпески, професор и раководител на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, вели дека речиси е невозможно да се објасни традицијата во земјава за овие празници зашто се работи за цела низа верувања и обредни активности.

- Се работи за комплекс од празнувања, кои во етнологијата и антропологијата се познати како празници од новогодишниот обреден циклус, инкорпорирани во македонската народна култура. Тоа се претхристијански прославувања кои се поврзани со раѓањето на Новата година, односно раѓањето на богот Сонце, и во голема мера се поврзуваат со влијанието на претхристијанските култури. Во прв ред на римската, но и на балканските. Секако, на тоа се надоврзале и старословенските верувања. Така, речиси во секоја од нив раѓањето на богот Сонце претставувало голем празник, кој бил придружен со најразлични веселби. Многу елементи од овие свечености, како што се маскирањата и дарувањата, биле прифатени и приспособени на локалните култури на Балканот. Со христијанизацијата во некои предели празникот добил и христијански одлики - посочува тој.



Празник на семејството

Во народното верување со Божиќ почнува периодот од 12 дена наречени некрстени или погани, кои траат до Водици (19 јануари). Овој период е исполнет со многу активности околу негативните демони, со разни магиски заштити. Дури на Водици, кога се крсти водата, се неутрализираат нивните дејства.
Со Божиќ е врзана поговорката - пред Божиќ, зад Божиќ, кај да си, дома да си. Ова имало двојно значење – да се биде во кругот на семејството, на најблиските и со нив да се прослави раѓањето Христово, но и да се биде на безбедно во најстудениот период од годината кога имало снежни веавици.


Божиќ не се славел во првите три века

Монасите од Бигорскиот манастир објаснуваат дека овој празник почнал да се слави во 4 век, и тоа на 25 декември или 7 јануари, но всушност самиот ден и месец на раѓањето Христово не се познати.

- Постојат неколку причини кои ни ја откриваат смислата и значењето на практиката Божиќ да се слави токму на овој датум зашто отпрвин, во првите три века, овој празник бил славен заедно со Крштението Господово (Богојавление) на 6/19 јануари, за потоа според Божјата промисла да се одвои и да го добие своето вистинско значење и целина.



Практиката Божиќ да се слави заедно со Богојавление се задржала до IV век поради древниот христијански поглед на човекот, кој не му придавал толку значење на телесното раѓање и телесниот живот колку на духовното раѓање (крштението) и на телесната смрт како раѓање за вечен живот. Древните христијани најголемо значење му давале на Воскресението, односно на неделата, потоа на Духовден, како и на празниците на мачениците. Дури и Крштението Христово било празнувано понагласено отколку Неговото Рождество - велат монасите од Бигорски.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема