X
 07.02.2021 Живот

Зошто сме покреативни кога работиме во кафуле?

Некои од најуспешните луѓе во историјата работеле во кафулиња, како Пабло Пикасо, Џ. К. Роулинг, Симон де Бовоар, Жан Пол Сартр и Боб Дилан. Пандемијата нè ограничува на работа од дома, но кога таа ќе стивне, треба да се потрудиме да работиме во јавност. Кафулињата ја будат креативноста на многу начини на кои тоа не може да го стори домот или канцеларијата.

Истражувањата покажуваат дека овие места ја стимулираат работата поради комбинацијата на врева, непредвидлива бучава и визуелна разновидност. Овие фактори ни го одвлекуваат вниманието од работата доволно за да може да се фокусираме и да бидеме креативни.


Фото: Pixabay

Научниците го знаат ова подолг период. Едно истражување од 2012 година покажало дека тивката или умерена амбиентална врева што ја има во кафулињата може да нè направи покреативни, а слични заклучоци има и истражување од 2019 година спроведено на влијанието на умерената врева врз животни.

Едно истражување од 2016 покажало дека улога може да играат и луѓето кои се околу нас бидејќи сме мотивирани за работа кога сме со луѓе што исто така работат. На сличен начин добиваме мотивација за вежбање во фитнес-сала.


Фото: Pixabay

Истражувачите додаваат и дека дизајнот на внатрешноста на кафулињата може позитивно да влијае врз процесот на размислување. Визуелната разновидност нè поттикнува да размислуваме „надвор од кутијата“. Дури и кога работиме со слушалки, многу работи околу нас се менуваат, како светлината, аромата на кафе и храна итн. Експертите велат дека кафулињата може да бидат продуктивни за работа во група, а не само за самостојна работа.

Автор: Брајан Лафкин
Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот