X
 07.03.2021 Живот

Генетичарка работи на задачата да го врати животот во нормала

Д-р Пардис Сабети користи нова технологија осмислена во нејзината лабораторија на „Харвард“ за борба против Ковид-19 и е мотивирана да им помогне на луѓето што се принудени да седат дома за време на карантинот.

- Секој ден станувам со мисија да им помогнам на луѓето да го вратат животот во нормала - вели д-р Пардис Сабети.

Помина повеќе од една година откако животот на д-р Сабети се сведе на борба против Ковид-19, а она што ја тера да истрае е желбата да им помогне на луѓето што се притворени дома за време на карантин.

Откако првпат беше идентификуван вирусот САРС-КоВ-2, оваа докторка работи осумнаесет часа на ден, седум дена во неделата, за да развие нова технологија за следење на мутациите на вирусот.

Лабораторискиот тим на Сабети на Универзитетот „Харвард“ во САД разви тест заснован на анализа на CRISPR - технологија што овозможува наоѓање специфични делови на ДНК во клетките.

Станува збор за метод со кој е можно да се тестира примерок за повеќе од 160 различни вируси истовремено наместо да ги бара еден по еден.

Ковид-19 нема да биде последната пандемија, вели д-р Сабети, која токму затоа се посвети на развој на технологија што треба да овозможи идните пандемии рано да се препознаат и да се запрат што е можно побрзо.

Во соработка со „ACEGID Lab“ од Нигерија, тимот на д-р Сабети осмисли систем за рано предупредување и одговор за пандемија наречена „Сентинел“.

Системот користи технологија за генско тестирање и размена на податоци за брзо и ефикасно ширење на информациите. Може да собира и споделува дијагностички податоци во рок од еден месец.

Оваа технологија ќе ги зголеми шансите некои идни пандемии да бидат запрени во фаза кога сè уште е можно да се спречи нивното ширење, вели д-р Сабети.

„Култура на епидемијата“

Д-р Сабети веќе се борела и со други епидемии, вклучувајќи ја и еболата во 2013 и 2014 година.

Таа е страстен поборник за размена на податоци како клучен чекор во борбата против заразни болести, но вели дека не секој научник го негува истиот пристап.

- Направивме голем напредок во однос на претходните епидемии, како што се ебола и зика вирусот, на пример, технологиите што ги користиме за секвенционирање на вирусите и за дијагностичка работа сега се пософистицирани. Но, има уште многу да се направи во однос на културата - вели таа.

SABETi
Фото: Screenshot/YouTube

„Култура на епидемијата“ е нејзината книга која се занимава со раниот одговор на ваквите кризни ситуации, наведува голем број области каде што може да се постигне напредок, вклучувајќи подобра комуникација помеѓу организациите и владите, поголема транспарентност и размена на информации и поголема регулатива за борба против корупцијата.

- Има многу пари во оптек, но не е доволно јасно кој ги добил и како се трошат - вели д-р Сабети, нагласувајќи дека недостигот на транспарентност може вистински да им наштети на кампањите за јавно здравје.

Таа верува дека за време на пандемиите се зголемуваат родовата и расна дискриминација, што доведува до помалку ефикасна соработка во борбата против заразни болести.

- Ако светот е полн со расизам, има уште повеќе расизам за време на епидемиите; ако светот е место каде што владее сексизам, тогаш за време на кризата овој проблем е уште поизразен - вели таа.

Според Меѓународната организација на трудот, жените сочинуваат повеќе од 70 отсто од глобалните здравствени работници, вклучително и оние што работат во установи за стари лица и немоќни.

- Навистина е неверојатно што толку многу жени беа на фронтот со години за време на епидемиите, а ние знаеме толку малку за нив - вели д-р Сабети.

Како водечка генетичарка, таа доживеала ваков вид дискриминација на сопствената кожа - еднаш ѝ било речено дека треба да биде „погласна“ за успешно да собере пари.

- Јас сум жена со тенок глас и нема да бидам гласна ни кога ќе имам 60 години. Треба да добиете моќ за да можете да покажете моќ - вели таа.

Во некои пригоди предрасудите со кои се соочувала речиси ја натерале да се откаже од својата работа. Но, една од студентките на д-р Сабети ѝ рекла дека не смее да се откаже, не само затоа што мора да ги следи сопствените соништа туку и поради поддршката за жените што тргнале по нејзините стапки.

- До денес нејзините зборови одекнуваат во мојата глава и ми помагаат да се соберам и да работам на мали промени кои може да имаат големо влијание - вели таа.

Кога д-р Сабети не е во лабораторија и не ги проучува вирусите, таа е главен вокал и басист на инди-рок групата „Thousand Days“.

Албумите на бендот вклучуваат и неколку песни кои зборуваат за нејзините искуства со смртоносни вирусни епидемии. Песната што ја напишала, „One Truth“ (Една вистина), била во спомен на тројца членови на нејзиниот тим кои починале од ебола.

Песната зборува за страв, надеж и солидарност со загубените животи за време на епидемијата, вели докторката.

Сабети е родена во Техеран во 1979 година, а нејзините родители побегнале пред Исламската револуција, бидејќи нејзиниот татко бил висок функционер во режимот на Шах Мухамед Реза Пахлави, кој бил симнат од власт.

Од рана возраст таа сакала математика, а исто така била заинтересирана за медицина. Додипломските студии по биологија ги завршила на Институтот за технологија во Масачусетс и своето образование го продолжила во „Оксфорд“.

Подоцна се врати во САД за да дипломира на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Харвард“, со што стана третата жена во историјата на „Харвард“ што дипломирала со највисоки оценки.

Во 2020 година Би-би-си ја стави на листата со 100 жени на кои им оддава почит како предводнички на промени за време на пандемија - еден од најтешките периоди во 21 век.

Со новата пандемија секогаш доаѓа „златна треска“ - да се заработат пари или да станете славни, вели докторката, но нејзините големи откритија се случиле на мали места и во мали заедници.

- Додека сум жива ќе се обидувам да иницирам барем мали промени - вели таа.

Д-р Сабети ги учи своите студенти на „Харвард“ да следат сличен пат, да направат вистинско и трајно влијание пред да почнат да ги бркаат моќта и славата.

Извор: BBC
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот