X
 07.04.2020 Образование

„Телеком“ донира картички за интернет за 30.000 ученици од социјално загрозени семејства за да може да следат настава од дома

Вкупно 30.000 основци и средношколци од 18.400 социјални семејства ќе добијат донација од по 10 ГБ интернет од „Македонски телеком“ за да можат да ја следат наставата по принципот на далечинско учење. Картичките ќе може да бидат употребени исклучиво за некоја од едукативните програми и платформи за учење препорачани од Министерството за образование и наука.

Договорот за донација го потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и директорот на „Македонски телеком“, Никола Љушев.

- Во време кога промовираме дигитална трансформација и далечинско учење од дома, околу 30.000 основци и средношколци од 18.400 социјално загрозени семејства беа погодени од вонредните услови. Секое семејство ќе добие по 10 ГБ интернет месечно - рече Манчевски.

Дистрибуцијата на картичките ќе се одвива преку Министерството за труд и социјална политика и центрите за социјална помош.

Според директорот на „Македонски телеком“, Никола Љушев, во моментот еден од најголемите приоритети е да се обезбеди непречено образование за секој ученик.

- Сега е клучна соработката меѓу институциите и бизнис-секторот. Имаме одговорност да им обезбедиме можност на сите ученици да бидат вклучени во задолжителниот образовен процес - рече Љушев.

Адеми на прес-конференцијата рече дека се направени услови учебната година да заврши во предвидениот рок. Предизвици има многу кои секојдневно се надминуваат. Со донацијата од „Македонски телеком“ се надминува една голема пречка за 30.000 ученици, рече тој.

На новинарско прашање што ќе се случува со матурата, тој рече дека тековно се следи состојбата.
- Се разгледуваат секакви можности  - и за пролонгирање и за укинување. Одлуката ќе зависи од развојот на состојбата - изјави Адеми.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование