X
 07.05.2021 Наша тема

Проф. Ангелина Станојоска на Универзитетот во Мизури – Сент Луис ја тестира генералната теорија на напнатост кај студентите

Бидејќи во социо-економски и културен контекст САД и земјава се различни, професорката ќе се обиде да ги пронајде клучните разлики во однос на проблемите со кои се судираат студентите, негативните емоции што ги чувствуваат, но и да открие дали користат исти начини за справување со напнатоста

Кои се изворите на напнатост и како младите луѓе се справуваат со неа? Ова е главниот фокус на истражувањето на професорката Ангелина Станојоска од Правниот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола за време на нејзиниот престој во САД како добитник на Фулбрајт-грант. Таа втор месец престојува на Универзитетот во Мизури-Сент Луис, каде што има можност да ја тестира генералната теорија на напнатост на примерок од студенти. Нејзин фокус на истражување е употребата на дозволени и недозволени супстанции како механизам на справување со напнатоста и негативните емоции.

Проф. Станојоска очекува да дојде до заклучок кои се најчестите извори на напнатост кај студентите, дали е академскиот или финансискиот стрес, пандемијата на ковид-19 и промените во начинот на живот или некои други аспекти од животот на студентите.

Компаративно истражување - со кои проблеми се судираат студентите во САД и кај нас?

- Мојот Фулбрајт-грант и престојот во САД се однесуваат на истражувањето како клучен дел од академската професија. Истражувањето на кое работам се однесува на тестирање на една од многуте криминолошки теории кои се обидуваат да го објаснат криминалното однесување. Во насока на моите претходни истражувања поврзани со генералната теорија на напнатост на професорот Роберт Агњу, кои се однесуваа на примерок на жени сторители на кривични дела, осудени на казна затвор во единствената пенитенцијарна установа за лица од женски пол во РС Македонија, за време на Фулбрајт-престојот повторно ќе ја тестирам оваа теорија, но овој пат на друг примерок, односно на примерок од студенти со фокус на употребата на дозволени и недозволени супстанции како механизам на справување со напнатоста - вели Станојоска.



Според оваа теорија, еден од механизмите е и криминалното однесување, чиј обем и појавен облик е во директна врска со видот на негативната емоција што следува како последица на напнатоста.

-Како истражувач, сметам дека оваа теорија е меѓу ретките што многу добро ги објаснуваат повеќето облици на криминално однесување, анализирани преку факторите на микрониво. Тоа е причината и поради која избрав таа во овој период да биде предмет на мојот научен и истражувачки интерес. Се работи за компаративно истражување, резултатите од САД ќе бидат споредени со добиените резултати од истражувањето во нашата земја - вели професорката.

Бидејќи во социо-економски и културен контекст САД и земјава се различни, професорката ќе се обиде да ги пронајде клучните разлики во однос на проблемите со кои се судираат студентите (изворите на напнатост), негативните емоции што ги чувствуваат, но и да открие дали користат исти начини на справување со напнатоста.

- Знаејќи ги изворите на напнатост кај студентите во РСМ, би можеле да работиме во насока на нивно отстранување, користејќи и практични чекори од САД - додава Станојоска.

Фулбрајт-програмата е меѓународна образовна програма за размена спонзорирана од Владата на САД. Ги промовира научната работа и заедничкото разбирање меѓу академските кадри и истражувачите. Учесниците можат да студираат, да предаваат, истражуваат, споделувајќи ги своите идеи, да се обидат да изнајдат решенија за проблеми на меѓународно или општествено ниво.

- Фулбрајт-грантот за мене како човек и професионалец претставува големо признание. Се работи за програма за која почнав да се подготвувам од моментот кога бев избрана за доцент на Правниот факултет при УКЛО - Битола, проверувајќи кои се условите за апликација, но и битните карактеристики што треба да ги има секој апликант - додава професорката.



Универзитетот во Мизури – Сент Луис рангиран во првата група на универзитети во САД

Универзитетот во Мизури – Сент Луис е јавен универзитет, формиран во 1963 година и брои девет колеџи и една заедничка програма по инженерство заедно со Универзитетот на Вашингтон. На Универзитетот студираат околу 16.000 студенти на дипломските, постдипломските и докторските студии, и на национално ниво тој е рангиран во првата група на универзитети. Над 94% од студентите по дипломирањето се вработуваат, а голем дел од нив магистрираат и докторираат.

Одделот за криминологија и кривична правда, кој е дел од Колеџот за уметности и науки, веќе неколку години наназад е рангиран меѓу првите пет студиски програми на национално ниво. Наставниот кадар брои компактна заедница на докажани криминолози и истражувачи.
За време на престојот, Станојоска соработува со професорката Ли Ен Слокум, која пред десетина години ја има тестирано оваа теорија. Дел од кадарот на овој оддел се професорот Ричард Розенфелд, кој е еден од најпознатите криминолози во САД, Фулбрајт-алумни, автор на многубројни книги и научни трудови за криминалното однесување во САД. Во текот на пандемијата тој работи на анализа на бројот на убиства во повеќе американски градови, како и на врската на рестриктивните мерки за спречување на инфекциите со новиот коронавирус и криминалното однесување. Потоа, професорот Дејвид Клингер, кој ја истражува употребата на сила од страна на полициските службеници, полициската работа и терористичките активности, како и професорката Џенет Лоритсен, која од ноември 2021 година ќе биде претседател на Американското здружение за криминологија.

- Она што навистина ми се допаѓа овде е фактот што многу повеќе внимание се обрнува на емпирискиот аспект на криминологијата, што е и многу поважно, пред сè, доколку сакаме да ја сфатиме моменталната ситуација со криминалното однесување и сторителите на кривични дела. Би сакала таквиот пристап, онолку колку што дозволуваат условите дома, да го вклучам во мојата работа со студентите на предавањата по криминологија - посочува професорката.

Арката на Мисисипи, Форест паркот, домашните пивници - во Сент Луис има што да се види

Таа повеќе од еден месец е во Сент Луис и притоа успеа да посети добар дел од она што го прави овој град посебен. Ѝ се допаѓа Форест паркот, избран за еден од најубавите во САД. Дом е на многу забавни и културни институции во Сент Луис. Таму се зоолошката градината, дом на над 500 животински видови. Понатаму, Научниот центар, Историскиот музеј на Мизури и Музејот на уметноста. Бидејќи го сака трчањето, Форест паркот е местото каде што минува голем дел од слободното време. Исто така, Сент Луис е познат по пивото и во него постојат над 35 домашни градски пивници кои произведуваат пиво. Карактеристичен знак е и Арката (Gateway Arch), која е на брегот на реката Мисисипи (која е гранична линија меѓу сојузните држави Мизури и Илиноис), висока 192 метри и градена од 1963 до 1965 година.



- Секојдневието во Сент Луис е живот на кој без проблем се навикнав и навистина ми годи. Неизмерно сум благодарна на Фулбрајт-програмата, Стејт депарментот на САД и Амбасадата на САД во РСМ за можноста што ми ја дадоа да ги посетам САД и да го живеам американското секојдневие низ призмата на науката - вели таа.
Подготвил: Жанета Здравкоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема