X
 07.06.2018 Наука

Загрижувачко: Какви температури го очекуваат Западен Балкан во блиска иднина?



На целата територија на Западен Балкан во блиска иднина ќе дојде до пораст на температурите за 1-2 Целзиусови степени, кои неминовно ќе продолжат да растат за 1,7 до 4,0 Целзиусови степени. Вакви се резултатите од една студија за последиците од климатските промени во овој регион.


Илустрација: Глобално затоплување, суша.
(Фото: Pixabay)


До крајот на векот порастот на температурата на подрачјето на Западен Балкан би можело да биде алармантен, со оглед на тоа што може да надмине 5 Целзиусови степени, во зависност од резултатите на глобалните заложби да се намали емисијата на штетни гасови и ефектот на стаклена градина, се наведува во студијата за регионална соработка (RCC).

Анализата на климатските промени во регионот потврдува дека здравјето на луѓето, безбедноста и квалитетот на животот во голема мера се чувствителни на природни непогоди и губитоци поврзани со временските услови, а утврдени се сектори во кои ќе се почувствува нивното најголемо влијание.

Најтешките последици, како што се наведува во студијата, ќе се почувствуваат во земјоделството (каде што може да се случи намалување на квалитетот на храната, ерозија и деградација на земјиштето), потоа шумарството (каде што постои висок ризик од распространетото пропаѓање на шумите, исчезнувањето на постојните видови), водните ресурси (недостиг на вода за пиење) и здравјето на луѓето (каде што може да дојде до поголема зачестеност на топлотни удари и пробив на нови векторски заразни болести).

Податоците за климатските промени во регионот на Западен Балкан укажуваат и на „напредување на суптропската клима погоре на север, при што крајбрежните и јужните подрачја ќе бидат многу топли и суви во текот на летните периоди, чие траење, според очекувањата, ќе продолжи за еден-два месеца во периодот од блиската иднина до крајот на векот“.

Дури 73 отсто од луѓето во регионот сметаат дека климатските промени се проблем, според истражувањето на јавното мислење и на стопанствениците, „Балкански барометар за 2017 година“.

Во студијата се изнесени и низа препораки за смалување на товарот на поединечните економии на Западен Балкан во поглед на решавање на прашањата поврзани со климатските промени, а посебно земајќи го предвид недостигот на човечки ресурси и други капацитети, низ унапредување и сосредоточување на регионална соработка.

Како кандидати и потенцијални кандидати за пристапување во Европската Унија, сите економии на Западен Балкан се мотивирани да го почитуваат Парискиот договор и да ги остварат целите за намалување на емисијата на штетни гасови и ефектот на стаклена градина до 2020 година, односно до 2030 година според предвидувањата на ЕУ, како и да ги зголемат енергетската ефикасност и производството на електрична енергија од обновливи извори.

За таа цел, економиите од Западен Балкан ги утврдиле приоритетите при приспособувањето на климатските промени и ублажувањето на нивното влијание, и продолжуваат со меѓусебна соработка да работат на решавање на прашањата поврзани со климатските промени и заштитата на животната средина преку Регионалната група за животна средина (RWG Env.).


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука