X
 07.06.2019 Наука

Просечна личност секоја година јаде и дише 120.000 честички микропластика

Здравствените ефекти од внесувањето на овие честички сè уште се непознати, но некои парчиња се доволно мали за да влезат во човечките ткива каде што потенцијално може да предизвикаат имунолошки реакции или да ослободат отровни супстанции.

Истражувачите проценуваат дека просечното лице консумира помеѓу 74.000 до 121.000 честички микропластика секоја година, во зависност од возраста и полот. Луѓето што пијат само вода од шишиња внесуваат дополнително 90.000 честички микропластика годишно.

Истражувањето, предводено од д-р Киеран Кос од Универзитетот во Викторија, е прво од ваков вид што проценува колку пластика консумира човекот.

Со масовното производство на пластика во 40-тите години разновидните полимери се прошириле низ цел свет, а нивното отстранување станало растечки проблем.

Истражувачите анализирале 26 претходни истражувања кои ги разгледувале количините на микропластични честички во рибите, школките, додадените шеќери, соли, алкохол, вода од чешма или вода од шишиња и воздухот.

Потоа анализирале колку храна луѓето консумираат според препорачаните диетални дози во период од 2015 до 2020 година. Не биле тестирани многу видови храна и пијалаци, а истражувањето анализирало само 15 отсто од вкупниот внес на калории.

- Овие процени се предмет на големи варијации; сепак, со оглед на методолошките и ограничувањата на податоците, овие вредности веројатно се потценети. Податоците сугерираат дека микропластиката ќе продолжи да се наоѓа во исхраната на човекот - велат истражувачите.

Но други истражувачи ги критикуваат наодите.

- Авторите го пресметуваат консумирањето микропластика од измерените концентрации во храната и воздухот. Тие пресметале дека возрасен маж консумира 142 пластични честички дневно, а вдишува уште 170. Прилично големи бројки. Нема доказ дека овие стапки на консумирање се значајна опасност за здравјето на луѓето - вели Алстаир Грант, професор по екологија на Универзитетот во Источна Англија.

Д-р Стефани Рајт, истражувачки соработник од Кралскиот колеџ во Лондон, вели дека некои од вклучените истражувања треба да се толкуваат многу внимателно.

- Големината е важен параметар кога се разгледуваат последиците од која било изложеност на честички. Без овие информации тешко е да се толкуваат тековните откритија - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука