X
 07.06.2019 Наука

Првпат извршена виртуализација и инвентаризација на гео-формите на Марковите Кули кај Прилеп

Како дел од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, финансиран од Европската Унија, имплементиран од UNDP, а со поддршка  Министерството за животна средина и просторно планирање, е и споменикот на природата Маркови Кули кај Прилеп. Овде, на мал простор од 50-ина квадратни километри се јавуваат речиси сите познати видови денудациски релјефни форми типични за гранитни карпи, поради што претставува раритет во светски рамки.

Поради уникатните гео-вредности што ги има, овој гранитоиден комплекс уште во 1965 година станува заштитено подрачје согласно тогашниот Закон за заштита на природните реткости. Во 1967 година со решение на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, гео-комплексот Маркови Кули е ставен во категорија на споменици на природата. Во 2004 година Маркови Кули е запишан на привремената листа на светското културно и природно наследство при УНЕСКО, а во 2006 година е репрогласен за споменик на природата, согласно новиот Закон за заштита на природата. Дополнителните истражувања, документирање, инвентаризација и валоризација на локалитетот, треба да овозможат овој локалитет што поскоро да биде поставен на постојаната листа на УНЕСКО, бидејќи по својата репрезентативност навистина го заслужува тоа.

Со тековниот проект особено внимание е посветено на јужниот дел од овој локалитет, односно на ридот-грамадата што се издига непосредно над градот Прилеп. Притоа, користејќи најсовремени пристапи (дронско снимање, 3Д-моделирање, визуализација и сл.), извршена е класификација, инвентаризација и анализа на формите, дадено е објаснување за настанокот, како и за главните фактори што имале улога во тоа. Со постапката се издвоени 50-ина карактеристични форми: примарната грамада Маркови кули, 9 секундарни грамади со помали димензии (од кои 4 маркантни), 18 стога, 21 блок, како и многубројни каменици (вдлабнатини исполнети со вода), потоа тафони, алвеоли, подмоли и др. Истражувањата на гео-формите, нивната инвентаризација, како и виртуализација на локалитетот со изработка на ултрапрецизен 3Д-модел и ортофото, беа водени од д-р Ивица Милевски, редовен професор на ПМФ во Скопје, со сесрдна помош од д-р Марјан Темовски од Институтот за нуклеарни истражувања во Дебрецен – Унгарија и м-р Христијан Талевски, асистент-истражувач при ЈНУ Институт за старословенска култура во Прилеп.

Теренски истражувања во 2018 година
Фото: igeografija.mk

Работата на проектот, во делот за инвентаризација на вредните гео-форми на ридот Маркови Кули, се одвиваше интензивно во повеќемесечен период на крајот на 2018 и почетокот на 2019 година. Постапката започна во месец октомври со прибирање на целокупната литература и документација која се однесува на геолошко-геоморфолошките карактеристики на овој простор. Едновремено, во текот на месеците октомври и ноември беа изведени повеќе теренски проспекции, придружени со дронско и терестрично фотодокументирање на многубројните денудациски форми на овој простор. Освен за фотоматеријал, дронското снимање послужи за тродимензионална визуализација на теренот. Така, со помош на специјализиран софтверски пакет, првин се изготви детална ортофото-снимка и 3Д-дигитален висински модел со резолуција од околу 10 cm.

Инвентарна карта на грамадата Маркови Кули кај Прилеп
Фото: igeografija.mk

Добиениот прецизен дигитален модел и ортофотоснимка беа основа за детерминирање и морфолошко-морфометриско дефинирање на значајните гео-форми (грамади, стогови, блокови и помали форми). Благодарение на тоа, во текот на декември и јануари делумно беше завршена инвентаризацијата на претходно идентификуваните покрупни форми, со нивните основни морфолошки (положба, изглед, структура), морфометриски (големина, височина), податоци за тип на вегетација, видови антропогена деградација и др. Во таа смисла, за секој издвоен објект е направена серија од профили, а исто така и соодветна фотодокументација. Наведеното е од особено значење за согледување на состојбата со формите, но и за мониторинг на промените што ќе се случуваат во иднина.

Ултрапрецизен дронски 3Д модел на ридот Маркови Кули и соодветно ортофото
Фото: igeografija.mk

Во текот на месец март следуваа уште неколку теренски посети на локалитетот, особено на неговата западна страна. Притоа беа изработени десетина квалитетни 360-степенски фотопанорами како основа за добар визуелен преглед и „виртуелна тура“ по локалитетот. Ова ќе има особено значење за популаризација и презентација на локалитетот Маркови Кули. Покрај наведеното, во месеците февруари и март, врз основа на сите претходно собрани фото и видеоматеријали беа изработени неколку видеоанимации, кои го прикажуваат локалитетот во сета своја атрактивност.

Резултатите од истражувањата покажаа дека процесот на активно формирање на денудациските форми на Маркови Кули се одвива и денес. Во таа смисла, забележани се многубројни „свежо“ откршени блокови и парчиња карпи. Анализите исто така укажуваат дека дел од крупните форми имаат примарно или иницијално потекло со форма добиена уште при втиснување на гранитната магма во постарите гнајсеви. Помалите форми, кои се и најчести на локалитетот, започнале да се создаваат уште под површината со т.н. „подземна денудација“, која е надополнета со селективната ерозија на надворешните – егзогени агенси. На тој начин во период од десетици до стотици илјади години се дооформени многубројните појави кои ги гледаме на површината. Сите овие сознанија, како и инвентарот на формите се детално разработени во соодветна студија, во која се дадени и препораки за одржливост, иден мониторинг, зачувување и сл.

Фото: igeografija.mk

Посебно внимание во проектот е обрнато и на културните вредности, а овој дел од активностите беше изведен од членовите на Институтот за старословенска култура од Прилеп. Минатото човеково присуство на просторот на заштитеното подрачје е евидентирано на повеќе десетици локации, датирани од неолитот (6000 год. пр.н.е.) па сѐ до доцниот среден век. Тука секако клучно место заземаат остатоците од човечки активности на ридот Маркови Кули, потврдени од доцниот енеолит до денес. Во времето на антиката на овој простор егзистирале три пространи населби. На ридот Маркови Кули и во неговото подножје е лоцирана претпоставената Керамија, втората населба се наоѓала кај грамадите на Кукул – Баба, а во подножјето на Златоврв е лоцирана Колобаиса. По незначителните траги од раниот среден век, користењето на овој простор со сигурност е потврдено во периодот од средината на 9 до крајот на 12 век, од кога се откриени голем број станбени и производствени објекти и некрополи. Најзначајниот културно-цивилизациски подем на овој простор се случил во периодот на 13 и 14 век, кога на овој терен егзистира доцносредновековниот град Прилеп, еден од најзначајните воени, политички, културни и економски средишта на Балканот.

Градот го сочинувале два основни структурални сегменти: утврдена акропола и отворено подградие – варош, распространето во долните делови од Маркови Кули. Во рамките на подградието во овој период е потврдена егзистенцијата на 19 сакрални објекти од кои се сочувани црквите Св. Архангел Михаил, Св. Димитрија, Св. Атанасиј, Св. Петар и Павле и Св. Богородица Пречиста, чија фрескодекорација се вбројува во антологијата на византиската уметност. Треба да се напомене и дека овој простор е пример за вековната интеракција помеѓу природата и човекот, така што зачувувањето на природното и културното наследство со κое изобилува, претставува наша обврсκа и должност.

Акрополата на средновековниот град Прилеп
Фото: igeografija.mk
Со оглед на комплексноста и уникатноста, во идниот период неопходни се дополнителни истражувања, проследени со презентирање и промовирање на овој извонреден локалитет пред домашната и меѓународната јавност. Инаку, според сознанијата со кои располагаме, во овој проект првпат во нашата држава е користена инвентаризација и анализа на гео-форми врз основа на детална виртуализација и визуализација на гео-локалитет со вакви димензии.

Освен истражувачкиот дел, со проектот се предвидени активности со кои ќе се обезбедат услови за поголема одржлива туристичка посета на овој уникатен предел, со понуда на содржини кои дополнително ќе го привлечат вниманието. Едновремено, во проектот големо внимание е посветено на неопходните мерки за заштита од деградација, со оглед на тоа што изгледот на многубројни форми е нарушен со исцртани графити, натписи, отпадоци и сл.

Од конференцијата за Маркови Кули и трибината за донесување План за управување со овој споменик на природата
Фото: igeografija.mk

Реализираните активности се во рамките на проектот Protect & Act – Markovi Kuli. Како носител се јавува Општина Прилеп со г. Борче Јанкуловски од секторот за локален економски развој како проектен менаџер. Целокупната работа во однос на истражување, инвентаризација, снимање и визуализација на локалитетот се одвиваше со сесрдна поддршка на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, како проектен координатор и овластен управувач со споменикот на природата. Во таа смисла, посебна благодарност изразуваме до директорот на Институтот, научен советник д-р Бранислав Ристески, за довербата и одвоеното време за многу консултации.

Автори: д-р Ивица Милевски и м-р Христијан Талевски

Извор: igeografija.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука