X
 07.07.2022 Живот

Во кои туристички места е дозволено да се работи во недела и на празници?

Министерството за економија објави известување за опфат на туристички места во Македонија за вршење трговија на мало во недела и на празници определени како неработни денови. Во него се наведува дека со Законот за туристичка дејност се утврдени туристичките места во кои трговците на мало може да работат во недела и на празници во периодот од 8 до 22 часот.

- Согласно Законот за туристичка дејност, „туристичко место“ претставува подрачје или дестинација која како организациона и функционална туристичка целина располага со природни, културни, историски и други знаменитости од значење за туризмот, комунална, сообраќајна и туристичка инфраструктура, како и објекти и други содржини за сместување и престој на туристите - се наведува во соопштението.

Од Министерството како најзначајни туристички места ги издвојуваат следниве:

1. Езерски туристички места

Езерски туристички места во Македонија се Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Тие имаат чиста и релативно топла вода, пријатна за капење. Покрај нив се изградени поголем број туристички објекти (хотели, мотели и ресторани): Охрид, Струга, Дојран и Преспа.

2. Планински туристички места


Планински туристички места во Македонија има повеќе. Најпривлечни и најразвиени се: Попова Шапка на Шар Планина, Маврово на Бистра, Нижеполе и Копанки на Пелистер, Крушево на Бушева Планина и Пониква на Осоговските Планини. Тие имаат услови за летен рекреативен, зимско-спортски и за ловен туризам. Во некои од нив се присутни карактеристични населби како што се: Галичник, кој е познат по манифестацијата „Галичка свадба“, Крушево како највисок град на Балканот, со мошне пријатна клима, Маврово како комбиниран зимско-спортски и езерски центар.

3. Рурален и алтернативен туризам

Според Светска туристичка организација, поимот „рурален туризам“ се користи тогаш кога руралната култура е клучна компонента на производот и понудата на дестинацијата. Како издвоени примери за развиен рурален туризам во Македонија можат да се наведат: Берово, Брајчино и Вевчани.

4. Скопје како туристичка дестинација

Имајќи предвид дека Скопје е главна туристичка дестинација согласно бројот на туристи во Македонија, како најатрактивни туристички места во Скопје може да се издвојат: Старата скопска чаршија, скопскиот плоштад, кањонот Матка и Скопското Кале.

5. Стари чаршии како туристичка атракција

Имајќи предвид дека во Македонија речиси во сите поголеми градови има чаршии кои се атрактивни како за домашни така и за странски туристи, може да се издвојат за најзначајни и тоа: Старата скопска чаршија, Охридската, Струшката, Битолската и Прилепската чаршија.

Од Министерството истакнуваат дека додатокот на плата за работа во ден недела и на празници во продавници, киосци и штандови во туристичките места изнесува најмалку 100 %, за секој час поминат на работа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот