X
 07.08.2022 Колумни

Волјата за учење се раѓа во домот

Многу навики, меѓу кои и волјата дека треба да се чита и учи (впрочем, затоа се оди на училиште), тргнуваат од домот, односно од влијанието на родителите врз нивните деца. Кога еднаш ќе научи да се однесува како што треба (паметно, културно, воспитано), тоа дете понатаму ќе знае зошто оди на училиште и која е суштината од школувањето. Токму за тие навики да станат трајни, односно пример, како дома, така и на улица и пошироко, најважна одговорност имаат родителите. Од нив тргнува секоја воспитна компонента што ја применуваат врз нивните деца, а ја изразуваат преку нивната култура на однесување. Но, она што во последно време се забележува е немањето волја и желба за учење кај поголем дел од учениците. И тоа е навистина загрижувачко.

Како да се оди со мерак на школо?

Јасно е дека без образование нема писмена нација. На младиот свет најважна обврска треба да му биде солидно да се описмени, односно да се социјализира и културно (цивилизациски) да влезе во светот на зрелоста. Понекогаш родителите „креваат“ раце од своите деца, во смисла: „Сакаш оди, сакаш не оди на школо, ти ќе останеш неписмен.“ Тоа значи дека тие не се моќни да бидат целосно влијателни врз своите деца (нормално, со ретки исклучоци). Затоа, не мора сосила, ама треба да се проба со паметен разговор, да им укажат родителите на своите најмили зошто треба да учат, односно еве, да поедноставиме, да читаат книги (настрана од социјалните мрежи, телефоните и сл.). Најдобро се учи од книга. Не дека не треба да бидат „технолошки зависни“, но да се има граница и мера, на најважниот приоритет во животот – а тоа е образованието. Не е воопшто чудно што учениците повеќе знаат англиски отколку македонски јазик. Напротив, тоа е жалосно и мора да се поправи во наредните години со многу труд и посветеност. Прво треба да се почитува и знае својот јазик, а потоа странскиот, односно вториот, третиот јазик итн. Веројатно странскиот јазик полесно се совладува, но што правиме со мајчиниот? Тоа е долга и широка тема за дискусија.

Одењето на училиште не смее да претставува товар, туку волја и мерак. Зависи кој како ќе ѝ пристапи на таа волја за одење на школо, така и ќе го чувствува задоволството од него. Личната желба, а со неа и совеста и свеста за континуирано школување ќе донесат многу подобри резултати во образованието. Да запомнеме: ништо сосила не се прави, ами со добра волја и мерак. Посакувам секој ученик да го чувствува училиштето како свој втор дом, каде што го поминува речиси половина ден. И на него да гледа со многу љубов, радост и креативност, како и со солидни очекувања, а за тоа, се разбира, тука се наставниците кои секогаш им стојат на располагање на своите ученици. Потребни се промени, тоа е очигледно, па затоа, нека тргнат од домот и од родителите, за да бидат пример и чест на училиште.


Училиштето е втор дом на учениците

Учениците секојдневно имаат по 5, 6, 7 часа, што значи половина ден го поминуваат на училиште. Суштината е денес нешто да научиме, да истражуваме, да дојдеме до нови сознанија, интереси, односно да се стекнат знаења и вештини кои ќе им помогнат на учениците полесно да учат, да се запознаваат со неоткриени нешта, или доколку нешто пропуштиле или не разјасниле на редовните часови, се организираат часови од дополнителна и додатна настава, во договор со предметниот наставник и сл. Сепак, има начини како продуктивно и корисно да се искористи времето кое се поминува на школо. Многу е убаво и навистина посебна чест, по наставниот предмет, наставникот и ученикот да дојдат до новооткриени податоци, нешто што досега, на пример, воопшто не постоело, а сепак се очекувало некоја новина за него. Тие истражувања се случуваат во рамките на наставата, за кои нормално, потребен е период за да се потврдат како нови и важни. Нешто слично како во една лабораторија каде што се прават анализи и се доаѓа до одредени заклучоци. Вреди да се остане, макар и целодневно на училиште, ако навистина тоа донесува успех и резултат. Радува желбата кај учениците кои тежнеат да знаат нешто повеќе, односно по наставниот час, нивниот интерес не е побрзо да излезат од училница, ами ја продолжуваат наставната дискусија со предметниот наставник за она што ги привлекло и заинтересирало на часот, а тоа навистина се случува. Тука треба да се посвети најмногу внимание бидејќи на тој начин, етапно, ние го откриваме талентот и дарот во самиот ученик, кој еден ден ќе достигне врв на неговиот интерес. Нека има што повеќе заинтересирани ученици кои ќе сакаат да знаат, да учат и да го надградуваат тоа што веќе го стекнале, оти така се стигнува до целта, скалило по скалило. За крај, на учениците им посакувам убав и пријатен остаток од летниот распуст и да не заборават да завртат некоја книжевна страничка. Распустот е за одмор, ама и за потчитнување, за обогатување на јазичниот речник и проветрување на мислите.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни