X
 07.09.2022 Наша тема

При булинг на ученик, училиштето е единствената институција која може да го реши проблемот, вели психологот Иван Христов

Постојат неколку знаци преку кои може да препознаете дека вашето дете е жртва на булинг. На пример, има малку или воопшто нема пријатели со кои поминува време. Се чини дека се плаши од одење на училиште, патување до и од училиште, возење во автобус или учество во организирани активности со врсниците. Наоѓа или измислува изговори зошто не може да оди на училиште. Изгледа тажно, нерасположено, плаче или изгледа немотивирано кога ќе дојде дома. Има проблеми со спиењето или има чести лоши соништа. Изгледа вознемирено и има ниска самодоверба, посочува Иван Христов, училиштен психолог

„Ученик на Корчагин си го одзеде животот. Го зеде свидетелството и си пресуди“, е наслов кој деновиве поттикна силна дискусија, обелодени мал сегмент од менталното здравје на децата, мал сегмент од секојдневните трауми и злоупотреби со кои се соочуваат учениците, како и темната страна на одредени наставници.
Со одземањето на животот, со излегувањето на виделина на она што е неретка појава во училиштата, со булингот, малтретирањето, омаловажувањето од наставниците кон учениците, се наметнува прашањето што да се преземе за да се спречи оваа несакана појава, како да се спаси животот на децата, кому да се обрати ученикот за помош?! Како да се намалат ризиците за самоубиство? Има ли место каде што би можело да се превенира? И зошто на овие теми ретко и тешко се зборува!

Охрабрете го вашето дете да разговара со училишниот психолог

Според Иван Христов, психолог од училиштето „Св. Кирил и Методиј “ - Центар, Скопје, најголемиот проблем кој е поврзан со булингот е средината и културата во која живееме.

- Сѐ уште постои обвинување на жртвата и оправдување на насилникот. Многу често кога некој ќе каже дека е жртва на некакво насилство, се поставуваат прашања како: „Како ти го предизвика тоа?“, „Што ти направи за да ти се случи ова тебе?“, „Како само тебе некој нешто ти прави?“... Постојат неколку знаци преку кои може да препознаете дека вашето дете е жртва на булинг. На пример, има малку или воопшто нема пријатели со кои поминува време. Се чини дека се плаши од одење на училиште, патување до и од училиште, возење во автобус или учество во организирани активности со врсниците. Наоѓа или измислува изговори зошто не може да оди на училиште. Изгледа тажно, нерасположено, плаче или изгледа немотивирано кога ќе дојде дома. Има проблеми со спиењето или има чести лоши соништа. Изгледа вознемирено и има ниска самодоверба. Кога се разговара со дете, треба да се земе неговата вистина како единствена. За детето отворено да разговара, потребна е заемна доверба. Ако вашите деца се малтретирани, не реагирајте прегрубо. Уверете ги дека ги сакате, дека тоа не е нивна вина и дека ќе им помогнете. Кажете им дека можат да разговараат со вас за што било. Бидете тука за вашето дете, бидете му поддршка. Обидете се да го разберете без да барате вина во неговото однесување. Бидете приземни и покажете љубов и разбирање. Кога ќе дознаете што се случува, информирајте го наставникот или класниот раководител. Училиштето сѐ уште е единствената институција која може институционално да го реши овој проблем. Охрабрете го вашето дете да разговара со училишниот психолог. Дури и кога не е жртва на булинг, овие знаци можат да укажуваат на некаков проблем со вашето дете - посочува психологот Иван Христов.


Иван Христов, психолог
Измена на законската регулатива за детекција на случаи на насилство врз ученици

Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат велат дека се отворени за соработка со истражните органи, но немаат надлежност за споделување информации за случајот.
- Заедно со Министерството за внатрешни работи, единиците на локалните самоуправи, училиштата, странските партнери, граѓанските организации, во континуитет работиме на подигнување на свеста кај младата популација за потребата од толерантно однесување и надминување на конфликтите без насилство. Многубројни заеднички проекти, како проектите за интегрирано образование со превентивен карактер, придонесуваат за исполнување на приоритетите содржани во рамките на стратешките владини документи чија цел е спречување на секаков вид насилство, развивајќи пријатна и стимулативна училишна клима и соживот во училиштата. Една од поважните активности спроведена во оваа насока во изминатиот период е измената на законската регулатива и прецизирање на постапувањето при детекција на случаи на насилство врз ученици - изјавуваат од МОН.

Активности за подобрување на менталното здравје на учениците


Информираат дека Законот за основното образование, кој е усвоен во 2019 година, го дефинира следното:

- Во член 5 е уредено дека вработените во основните училишта се должни да промовираат еднаквост меѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство. Училиштата се должни во годишните програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација. Активностите се остваруваат низ различни наставни и воннаставни активности со учениците, вработените, родителите, односно старателите на децата во соработка со општините, согласно утврдените потреби од страна на училишниот одбор, советот на општината или педагошката служба. Меѓу активностите треба да се предвидат работилници за подобрување на менталното здравје на учениците, за подобрување на комуникацијата, за препознавање и справување на булинг и слично - споделуваат од Министерството.
Понатаму, во член 65-а е утврдено дека директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител, односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице што е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон.



- Постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се утврдува со подзаконски акт - Упатство, предложен од БРО, а донесен од министер. Со Упатството се уредуваат видовите насилство, начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата. Составен дел од Упатството се Формулар за евиденција на насилството и Формулар за план за заштита на жртвата од насилство. Стручната служба во училиштата е должна да постапува и да го заштити интересот на ученикот. Понатаму, информираме и дека постои програма за психолошко советување на родители на ученици и на самите ученици кои во одредени периоди во текот на училишниот престој, односно во текот на воспитно-образовниот процес покажуваат извесни форми на несоодветно однесување за нивната возраст, иницирале или, пак, доживеале одредена форма на насилство, драстично го намалиле просечниот успех во учењето и слично. Сите одредби со кои се зајакнува превенцијата од насилство ќе бидат дел и од новиот Закон за средно образование, кој е во фаза на изработка. Во меѓувреме, секако средните училишта во своите програми за работа предвидуваат активности за подобрување на менталното здравје на учениците, за подобрување на комуникацијата, за препознавање и спречување на булинг и слично - изјавуваат од Министерството за образование и наука.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема