X
 07.10.2020 Живот

Највисоки и најниски плати на наставниците во Европа: Колку се платени македонските?

По повод Светскиот ден на учителот, Европската комисија објави податоци за платите на наставниците во земјите-членки на Европската Унија, Велика Британија, Швајцарија, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн, Турција и земјите од Југоисточна Европа, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Албанија и Црна Гора.

Меѓу земјите-членки на ЕУ највисока почетна годишна бруто-плата земаат наставниците во Луксембург, помеѓу 67.390 евра и 76.376 евра, во зависност од степенот на квалификации на наставникот и образовното ниво. А највисоки плати има во Швајцарија, помеѓу 67.422 и 90.525 евра бруто годишно.

Сите бројки се однесуваат на законски утврдената бруто-плата за полно работно време на почетокот на кариерата на наставниците кои имаат минимални квалификации за професијата. Во добар дел од земјите-членки наставниците имаат поголеми квалификации од минимално потребните и согласно тоа имаат и повисоки плати.

Во просек, воспитувачите во претшколски установи имаат најмали плати, а највисоки плати имаат наставниците во повисоките одделенија во средно образование, но во еден дел од европските земји сите наставници имаат иста плата.

Во шест земји-членки: Бугарија, Латвија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка, бруто-платата на почетокот на кариерата е под 9.000 евра: од 5.160 евра во Бугарија, до 8.832 евра во Словачка.

Исто така, во шест земји-членки: Чешка, Естонија, Грција, Хрватска, Литванија и Словенија, годишната бруто-плата е под 20.000 евра и се движи од 12.092 во Чешка до 18.658 во Словенија.

Следуваат земјите во кои платата се движи помеѓу 22.000 и 28.000 евра: Франција, Италија, Малта, Португалија, Велика Британија, со што платата во Шкотска е уште поголема и спаѓа во следната група со натпросечни учителски плати.

Натпросечни плати имаат: Белгија, Ирска, Шпанија, Холандија, Австрија, Финска, Шведска и Шкотска. Во земјите со највисока плата спаѓаат и Германија, Луксембург, Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.

Oсвен висината на платата на почетокот на учителската кариера, важно е и зголемувањето на платата во текот на кариерата, особено за останување во кариерата, но и за привлекување нови кадри.

Така, во Холандија учителската плата расте за 76 отсто по 15 години стаж во споредба со почетокот на кариерата, а потоа и до 105 отсто.

Во Македонија годишната бруто-плата на наставник на почетокот на неговата кариера е 6.209 евра. По 10-годишно искуство платата се зголемува на 6.527 евра годишно, додека по 15-годишно искуство платата изнесува 6.691 евро.

Во последните четири години во некои земји од Средна и Источна Европа се бележи раст на учителските плати. Така, романските учителски плати за 2018/2019 година пораснаа за 163,8 отсто до 180,6 отсто во споредба со 2014/2015 година. Во Бугарија пораснаа за 51,2 отсто, во Латвија 61,5 отсто.

Целиот извештај можете да го погледнете ТУКА.

Извор: 6yka.com | Eacea.ec.europa.eu
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот