X
 07.11.2017 Култура

Планот „Парвус“: Како Германија ја финансираше Октомвриската револуција

Октомвриската револуција се смета за победа на работниците и селаните над владеењето на рускиот цар. Малкумина знаат дека револуцијата во голема мера била поддржана од германскиот цар. Тој во 1917 година ги поддржувал болшевиците според планот креиран од страна на богаташот познат како „Парвус“.
На 9 април 1917 година, од железничката станица во Цирих отпатувал вонреден германски воз, кој германскиот цар Вилхелм Втори им го ставил на располагање на руските емигранти за да се вратат во својата земја, со цел да ја разгорат револуцијата. Во еден од вагоните се наоѓал и Владимир Илич Улјанов, познат како Ленин. Со помош на Германија, тој го напуштил азилот во Шварцарија и по една недела стигнал во Петроград, денешен Санкт Петербург. Во Русија само што започнала Февруарската револуција која го детронизирала рускиот цар Николај Втори, на власт била провизорна влада, а големата револуција сè уште не се наѕирала.

Враќањето на познатите азиланти во татковината, внимателно било следено од Берлин. „Враќањето на Ленин во Русија успеа. Тој работи токму онака како што сакаме“, гласела пораката од раководството на германската војска упатена до Министерството за надворешни работи.

Како што изгледа, станува збор за вистински политички парадокс. Вилхелм Втори се поврзал со комунистот Ленин. Целата на германскиот цар била – дефинитивно слабеење на Руското царството со кое Германија и Австроунгарија биле во војна од 1914 година.

Калкулацијата на Берлин била јасна: Ленин и неговите болшевици требало да ја дестабилизираат Русија, и тоа насред  Првата светска војна. Германското царство се послужило со старото дипломатско правило: непријателот на мојот непријател е мој пријател.

Ваквите идеи и концепти, иако не биле новост во дипломатијата, потекнувале од човек кој имал комунистичко име – „Парвус“. Александар Лвович Парвус роден како Израил Лазаревич Хелфанд бил руски Евреин кој од 1891 година живеел во Германија и пишувал во разни левичарски весници под разни псевдоними. Тој се состанувал со сите водечки комунисти на тоа време: Роза Луксембург, Карл Кауцки, Ленин и Лев Троцки. Но сите тие биле сомничави кон него заради неговиот начин на живот, кој воопшто не бил во согласност со неговите декларирани левичарски убедувања.

После крвавата недела на 22 јануари 1905 година, кога рускиор цар издал наредба да се пука на демонстрантите во Петербург, при што биле убиени околу 200 луѓе, Хелфанд и Троцки биле меѓу првите што се вратиле во Русија, но полицијата веднаш ги уапсила.

Хелфанд паднал во сибирски затвор од каде што успеал да избега во Константинопол, каде создал своја бизнис-империја. Меѓу другото, станал и сопственик на наколку банки, за што старите комунистички пријатели, му го свртеле грбот. Троцки дури и напишал „Некролог за живиот пријател“.  Но, по започнувањето на Првата светска војна во 1914 година, „Парвус“ добил прилика да оствари лично влијание. По неговата посета на германскиот амбасадор во Отоманското царство, во февруари 1915 година го повикале на состанок во Министерството за надворешни работи во Берлин.

Рускиот комунист и успешен бизнисмен од Константинопол, кој сега веќе се претставувал како Александар Парвус, пред Министерството го изложил својот план за револуцијата, напишан на 23 страници, каде до детали опишал како може да успее превратот во Русија поддржан од странство. Еден месец подоцна, царската благајна во Берлин одобрила исплата на два милиони марки како „поддршка за револуционерната пропаганда во Русија“.

Хелфанд не ги одвојувал своите бизнис интереси од политичките цели. Тој бил класичен воен профитер. Тргувал со сè и сешто: со оружје, метали, коњак, кавијар, текстил. Тој стоките ги шверцувал преку мало шведско село на финската граница, која тогаш била руско кнежевство. Со реченицата „„Пренесувам поздрави од Олга“, која служела како лозинка, на руските револуционери им шверцувал не само пропаганден материјал, туку и оружје и динамит, платени со гемански пари, со кои биле потопувани бродови во Архангелск и биле запалувани пристаништата. Акциите на „Парвус“ ги координирал германскиот амбасадор во Копенхаген, грофот Урлих фон Брокдорф-Ранцау, кој сметал дека поддршката за комунистите била оправдана со тоа што на тој начин била поткопувана воената коалиција на Антантата.

Планот „Парвус“ успеал: на 7 ноември 1917 година, пред точно еден век, успеал превратот кој во историјата е познат како Октомвриска револуција.

Преодната влада била срушена,  Советите ја зеле власта, за да по неколку недели, Русија излезе од Антантата, што фактички претставуваше и крај на војната за оваа земја.

Царот Вилхелм Втори, слабеењето на Русија како воен противник го чинело – сметано во денешни пари – околу половина милијарда евра.

Самиот „Парвус“ директно дејствувал како посреднк на германскиот цар. Тој бил „сводник на империјализмот“, како што за него постхумно напишала Клара Цеткин , германскта марксистка која ја помогна Лениновата револуција. Хелфанд починал во 1924 година во Берлин од мозочен удар, а за неговата историска улога во револуцијата, молчеле и Советите и Германците.

Ленин, кому руските комунисти му замерувале заради користењето на пари од Германија во превратот, после убиството на членовите на царското семејство на 17 јули 1918 година, преминал во офанзива. Иако никогаш не порекнал дека се служел со германски пари, еднаш истакнал: „Сакам само да додадам дека ние со руски пари ќе исценираме слична револуција во Германија“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура