X
 07.11.2018 Економија

Светското богатство зголемено за 14 билиони долари

Растот на светското богатство по жител за 12 месеци, од јуни 2017 до јуни оваа година, изнесувал рекордни 3,2 отсто, стои во глобалниот извештај за богатство на швајцарската банка „Креди Свис“.

Во споредба со минатогодишниот извештај, богатството на планетата се зголемило за 4,6 отсто, односно 14 билиони долари, на вкупно 317 билиони долари. Кога тие пари би им се разделиле на сите жители на светот, секој би добил по 63.100 долари.

Приспособен на курсните разлики, светскиот имот пораснал за 16,6 билиони долари. Иако стапката на раст на светското богатство е пониска од минатата година, таа сè уште е повисока во однос на просекот во периодот по кризата од 2008 година.

Сепак, во извештајот се забележува дека нееднаквоста во богатството веќе не расте. Иако долната половина од светското население сè уште поседува помалку од еден отсто од богатството, додека најбогатите 10 отсто од луѓето држат 85 отсто од богатството, уделот на имотот што го држат најбогатите еден отсто од луѓето е намален од 47,5 на 47,2 отсто.

Во однос на милионерите, забележан е раст на нивниот број за 2,3 милиона и сега има вкупно 42,2 милиони. Дури 40 отсто од растот на бројот на милионери им се припишуваат на САД, каде што 878.000 луѓе го добиле тој престижен статус.

Во Франција, Германија, Велика Британија и во Италија по 200.000 луѓе сега имаат повеќе од милион долари.

Швајцарската банка предвидува дека светското богатство ќе се зголеми за 26 отсто во идните пет години, на 399 билиони долари. Растечките земји ќе бидат заслужни за 32 отсто од тој раст. Двигател на растот ќе биде средната класа, но се очекува дека бројот на милионери ќе достигне нов рекорд од 55 милиони.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија