X
 07.11.2022 Наука

Вештачка крв првпат пренесена во човек

Крв направена во лабораторија првпат е пренесена во човек, како дел од новото клиничко тестирање на вештачка крв во светот.

Тоа било мало количество крв за да се дознае како ќе реагира телото на неа. Научниците веруваат дека трансфузијата ќе продолжи да се заснова на дарувањето крв, но нивната цел е да се направат ретки крвни групи. Тоа им е најпотребно на оние луѓе што зависат од чести трансфузии за ретки болести, како што е т.н. српеста анемија, каде што ако крвта не е целосно соодветна, тогаш телото не ја прифаќа и третманот не е успешен.

Професорката Ешли Тој од британскиот Универзитет на Бристол истакна дека во Велика Британија вообичаено има само 10 луѓе кои можат да им даруваат крв на оние што имаат исклучително ретка крвна група.

Научници од универзитетите во Бристол, Лондон и Кембриџ и Националниот здравствен систем на Велика Британија се занимавале со лабораториско производство на крв. Процесот на производство трае три недели, т.е. додека крвните зрнца не се во состојба погодна за трансплантација.

Во клиничкото тестирање учествуваат две лица, а целта е да се тестира крв меѓу најмалку 10 здрави луѓе. За минимум четири месеци испитаниците ќе примат две дози крв од пет до 10 милилитри. Првата доза ќе содржи природна крв, а втората ќе содржи крв создадена во лабораторија. Научниците очекуваат дека лабораториската ќе биде дури и подобра од природната крв.

Сепак, постојат одредени финансиски и технолошки предизвици во лабораториското производство на крв. Многу е веројатно дека ќе бидат потребни уште многу истражувања за да се стигне до потребните количини.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука