X
 07.12.2020 Здравје

Луѓето што јадат лути пиперки живеат подолго, покажува истражување

Шансите да умрете од срцева болест или рак се помали доколку јадете лути пиперки, посочува ново истражување. Заклучокот на истражувачите е дека луѓето што јадат лути пиперки живеат подолго од оние што не ги јадат.

Претходни истражувања откриле дека лутите пиперки може да ги намалат воспаленијата и имаат антиоксидантни и антиканцерогени ефекти, но и помагаат во регулацијата на гликозата во крвта. Тоа е поради капсаицинот, главната хемиска состојка што ѝ ја дава лутината на пиперката.

Новото истражување анализира над 4.729 истражувања од областа. Генерално, анализата била направена на податоците за здравјето и исхраната на над 570.000 луѓе во САД, Италија, Кина и во Иран и потоа била направена споредба помеѓу луѓето што јадат лути пиперки и оние што никогаш не јаделе лута храна.

Анализата покажала дека луѓето што јадат лути пиперки имаат 26% помал ризик од смрт од срцева болест, 23% помал ризик од смрт од рак и 25% помал ризик од смрт од која било друга болест.


Фото: Pixabay

Докторот Бо Шу, кој е главен автор на истражувањето, вели дека експертите сметаат дека лутата состојка во пиперките игра улога. Меѓутоа, неговото истражување не ја барало причината за здравствените поволности од јадењето лути пиперки. Шу додава дека видот на лутите пиперки може да игра улога, а во истражувањето количеството и видот на лути пиперки што ги јаделе испитаниците варирале од човек до човек.

Доколку не сте љубители на лутата храна, Шу вели дека не треба да се присилувате да ја јадете бидејќи податоците сè уште не се доволно убедливи зашто остануваат уште неодговорени прашања.

Автор: Корин Милер
Извор: yahoo.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје