X
 08.02.2019 Живот

Дарко Гацов: Иновативноста и пионерството - клуч за успехот на Singular

Компанијата неодамна доби и инвестиција од меѓународен инвестициски фонд во висина од 5 милиони евра за развој на нови производи и пазарна експанзија


- Доколку сакаме да ги мотивираме младите во Македонија да градат кариера и живот во својата земја, мора да се фокусираме на создавање вредност, на македонски производи, на решенија што ќе ја профилираат нашата ИКТ-сцена не само преку потенцијалот на аутсорсингот, туку и преку пионерството, создавање и иновирање софтверски производи од почеток до крај. Ова е пораката на Дарко Гацов, управител на компанијата во Македонија, а воедно и претседател на бордот на директори на Singular.

Во интервјуто за Факултети.мк, Гацов објаснува како компанијата ги создава креативните решенија за пазарот на игри на среќа, но и како успешно се менаџира тим што создава нови успеси. Компанијата неодамна доби и инвестиција од меѓународен инвестициски фонд во висина од 5 милиони евра за развој на нови производи и пазарна експанзија.


Дарко Гацов

Инвестицискиот фонд Vereeni Investments се здоби со 20% удел во компанијата Singular за почетна инвестиција од 5 милиони евра, која се очекува да се зголеми во наредните 13 месеци врз основа на проектираните резултати. Какво значење има оваа инвестиција за Singular?

- Од самиот старт, целта на Singular е креирање иновативни решенија што ќе можат да се носат со конкуренцијата на светско ниво на пазарот на игри на среќа. Инвестицијата доаѓа како потврда дека трудот се исплати и квалитетот е препознаен. Сепак, инвестицијата отвора многу нови врати за Singular. Фондот има инвестициско портфолио во компании што оперираат во комплементарни индустрии на нашата. Па така, приклучувањето на Vereeni Investments во сопственичката структура на Singular отвора можности за ширење, не само на мрежата на клиенти, туку и на соработници. Очекувам дека инвестицијата ќе иницира поголема динамика, односно едно побрзо темпо на работа и раст.

Какви се плановите за развој на компанијата за следната година?

- Веднаш по комплетирањето на инвестицијата, на крајот од годината што измина почнавме со формирање на нова канцеларија на Singular во Талин, Естонија. Тоа ќе биде дополнително продуктно и сервисно засилување на глобалната стратегија и идните планови за развој и раст на Singular. Покрај Азија, Африка и Латинска Америка каде што имаме големи планови и голем интерес за соработка, еден од плановите во наредниот период ќе биде да воспоставиме соработка и во нашиот регион. Ја следиме ситуацијата на Балканот и во Македонија и од регулативна и од оперативна перспектива. Како човек кој е директно одговорен за ширењето на Singular во Македонија, лично би ми било особено драго да придонесеме за правилно градење на оваа индустрија и во нашата земја.


Тимот е клучен за успех

Singular (singular.uk) е интернационална компанија која оперира во iGaming и FinTech индустријата со седиште во Малта. Главните развојни бази на компанијата се лоцирани во Грузија и во Македонија, со тоа што тимот во Скопје работи на софтвер за спортско обложување. Објаснете ни кои се Вашите главни продукти со кои особено се гордеете?

- Ние, всушност, оперираме само во една индустрија - iGaming со фокус на игри на среќа. Fin-Tech е индустрија што исто така често се поврзува со Singular, но е само нуспојава на индустријата за игри на среќа.
Ние креираме еден цел екосистем за игри на среќа. Доколку некоја компанија, инвеститор или група на инвеститори имаат идеја да влезат во оваа индустрија, ние нудиме целосно решение. Платформа заедно со сите продуктни вертикали (спортско обложување, казино, покер, лотариски решенија), сервисно ориентирани компоненти за менаџирање на секој сектор на операциите на компанијата, без разлика дали функционира онлајн или има физички локации. Не би можел да ги набројам сите решенија бидејќи, еве како пример, само платформата има повеќе од 60 сервисни модули кои ги нудиме во зависност од тоа што бараат или што им е потребно на нашите клиенти.

Singular на македонскиот пазар влезе пред пет години. Посебен фокус и успех имате со развој на платформи и решенија за оператори на игри на среќа. Задоволни сте како се развиваше компанијата од денешен аспект?

- So far so good :) Накратко, да, задоволен сум со развојот на Singular иако секој секогаш ќе каже (најчесто и јас) дека може и подобро. Во принцип таков став помага за константно подобрување на работите. Видете, секоја компанија има предизвици. Во почетокот тоа е профилирање на производ, наоѓање на вистинскиот начин на работа. Тоа е жива материја што цело време се менува, како и индустријата и потребите на компаниите со кои работиме, па дури и ние и нашето искуство и знаење.
Од оваа гледна точка, ако погледнам наназад, секако би имало работи што би направил да бидат поинаку третирани. Но, сепак, Singular денеска е резултат и на тие предизвици што нè искалиле да сме тие и таму каде што сме токму поради фактот што не биле различно третирани. Без разлика на искуствата што нè довеле овде, предизвици ќе има и понатаму и секогаш ќе ги решаваме заедно и најдобро што можеме, попатно учејќи лекции за понатаму.


ИКТ-секторот има уште поголем потенцијал да создаде еден центар на знаење, истражување и иновативност

Имате ли проблем да најдете соодветен кадар за работа во седиштето во Македонија? Кој всушност може да стане дел од Вашето семејство?

- Тимот постојано се зголемува. Почнавме со 6 луѓе, а денес сме повеќе од 40 само во Скопје и бројката постојано расте. Тимот се состои од програмери, софтвер-тестери, DevOPs инженери, проектни менаџери, бизнис-аналитичари, па и маркетинг и финансии. Со новата инвестиција, како што веќе споменав, очекувам темпото на работа да се зголеми, а со тоа и потребата за уште поголем тим. Проблеми за наоѓање соодветен кадар немаме, но гледаме дека побарувачката на пазарот за овој кадар се зголемува со поголема динамика од растот на професионалци што може да се јави како предизвик.
Нам ни треба талент кој има потенцијал да размислува креативно, да придонесе за креирање нови начини на функционирање на производот, но и еден иновативен пристап во неговото развивање. Тим кој не се плаши да учи и да се предизвика себеси, колегите и ултимативно Singular.

Колку изборот на тимот влијае врз успехот на една компанија?

- Многу! Тимот е клучен за успех. Членовите на тимот го креираат решението што ни носи нови клиенти, инвестиции и партнерства. Без квалитетен производ нема успех, односно без квалитетен тим нема резултати. Индивидуалната техничка спремност кај поединецот е само едната страна на паричката. Еднакво се важни и способноста за комуникација и соработка со членовите на тимот за да се постигне саканата цел.

Вашата работа е всушност поврзана со креација и иновативност. Како ги развивате и поттикнувате  кај вработените?

- Им давам максимална слобода да даваат идеи, да предложуваат нови пристапи. Охрабрувам проактивност. Иако имаме воспоставени процеси на функционирање, не сме ригидна фирма, отворени сме за промени. Верувам дека токму оваа флексибилност придонесува за иновативно размислување.

Номинирани сте за најиновативен софтвер во iGaming индустријата на светско ниво. Кажете ни нешто повеќе за оваа номинација?

- Во iGaming индустријата секоја година се организираат настани каде што се слави и охрабрува иновативноста во индустријата. Ние секоја година сме дел од EGR B2B Awards, како и G2E Asia Awards и многу други. Но 2018 беше особено значајна бидејќи бевме номинирани за голем број награди, меѓу кои:
- Најиновативен софтвер за спортско обложување;
- Најдобар снабдувач на софтвер за спортско обложување;
- Најдобра покер-технологија;
- Иновативни казино-игри;
- Најиновативен казино-софтвер.

„Македонија е моја земја, земјата каде што сум се родил, која ја сакам и затоа ја искористив шансата една странска компанија да влезе на овој пазар и да отвори нови работни места и добри позиции за млади Македонци што сакаат да успеат во животот“. Ова го изјавивте во интервју за „Дневник“, кога најавивте дека во Македонија ја носите една од најуспешните грузиски ИТ-компании, „Сингулар груп“. Вредеше ли трудот?

- Дефинитивно! Секој ден сум сè поубеден дека вредеше. Имаме генијални млади момци, најголем број навистина се заљубени во тоа што го работат, гладни за учење и напредување на нивните знаења и способности. Мислам дека ИКТ-секторот има уште поголем потенцијал да создаде еден центар на знаење, истражување и иновативност.
Доколку сакаме да ги мотивираме младите во Македонија да градат кариера и живот во својата земја, мора да се фокусираме на создавање вредност, на македонски производи, на решенија што ќе ја профилираат нашата ИКТ-сцена не само преку потенцијалот на аутсорсингот, туку и преку пионерството, создавање и иновирање софтверски производи од почеток до крај.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот