X
 08.02.2021 Живот

81-годишник се искачил на речиси сите највисоки врвови откако наполнил 60

Карлос Сорија има 81 година. Тој планира да се искачи на планината Даулагири во Непал оваа пролет, а се надева дека подоцна годинава ќе се искачи на Шишапангма во Тибет. Доколку успее во двата подвига, тој ќе стане најстарата личност што се искачила на 14. највисоки планински врвови во светот. Сите овие врвови се повисоки од 8.000 метри.

Карлос, кој пред да се пензионира тапацирал мебел, е роден во Авила, Шпанија. Тој планинарел целиот живот, но во последните две децении неговите подвизи го направиле славен. Тој се искачил на 11 од највисоките 14 планински врвови во светот откако наполнил 60 години, а бил и најстарата личност што се искачила на Монт Еверест, кога имал 62 години. До 70-годишна возраст  се искачил на највисоките врвови на сите седум континенти.



- Најмногу се гордеам со тоа што никогаш немав сериозни смрзнатини и никогаш не морав да бидам спасуван. Секогаш се искачував и се симнував од секој врв со моите две нозе - вели тој.

Тој планирал да ги искачи и другите врвови минатата година, но пандемијата му ги сменила плановите. Во моментов тренира на планината Сиера де Гуадарама во близина на Мадрид и во импровизирана сала за вежбање во својот дом. Во меѓувреме собира донации за искачувањата  што ги планира годинава.

Пред две години Карлос имал операција на коленото, но тврди дека физички е подготвен за искачувањата.

- Постарите луѓе мислат дека играта е завршена за нив. Има многу луѓе што велат „па, веќе имам 70“, па што? Тоа е прекрасна возраст! - вели тој.

Автор: Гај Хеџко
Извор: bbc.com
Фото: Instagram
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот