X
 08.03.2019 Живот

Како оставката на пратеникот поради сендвич стана маркетиншко помагало?

Словенечки дистрибутер на брза храна, специјализиран за сендвичи, ја искористи актуелната политичка афера во оваа земја што доведе до изнудена оставка на еден пратеник и на пазарот пласира сендвич наречен „пратеник“.

- Станува збор за корисна алтернатива за невкусен чин на еден од 90-темина избрани претставници на народот во нашиот парламент - објавија од компанијата „Сендвичарна“, алудирајќи на пратеникот Дариј Крајчич, кој под притисок од партијата Листа на Марјан Шарец (ЛМШ) го врати мандатот откако во разговор со колегите признал дека за време на пауза во близок локал зел сендвич и не го платил бидејќи продавачките не му посветувале внимание, а нему му се брзало.

Иако пратеникот подоцна го платил сендвичот и рекол дека станува збор социјален експеримент за да ја испита будноста на контролата, премиерот Марјан Шарец инсистирал Крајчич да го врати мандатот и тој на крајот направи така, но со забелешка дека не го заслужил тоа и дека мерката против него е премногу строга.

Компанијата „Сендвичарна“ маркетиншки го искористи случајот и почна да продава сендвичи наречени „пратеник“.

Сендвичот е направен од домашно печиво со интегрално брашно, сечкани словенечки сувомесни специјалитети и кисела пиперка.

Првата серија од 90 „пратеници“ отиде во народна кујна во Љубљана, како доказ дека станува збор за добротворна кампања, додека за останатите цената се стабилизира на 2,55 евра за сендвич.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот