X
 08.04.2015 Образование

Најдобрите и најлошите техники за учење

Во свет кој брзо се менува и во кој постојано се среќаваме со многу информации, секој од нас мора да знае како добро да учи. Досегашната пракса покажува дека поголемиот дел од нас не ги користи техники за учење за кои науката има докажано дека се најефективни.

Напротив, повеќето од нас користи техники кои се помалку ефективни, како што е повторување во читањето и подвлекување на важните работи.

Кои техники на учење ги промовира науката? Имено научната литература ги проучува овие техники со децении наназад. Ова се техниките кои тие ги посочуваат како најдобри и најлоши.

Најлоши техники

Според истражувањата, научниците сметаат дека најлошите техники се оние кои ги користиме најмногу - подвлекување и нагласување на „важното“. Иако ова е најчест метод на учење, експертите тврдат дека нема друга корист освен само читање на текстот. Поединечни истражувања покажуваат дека методот на истакнување на важното може да биде пречка за учењето, бидејќи го нагласува индивидуалниот факт и може да го влоши процесот на поврзување и изведување на заклучок.

Скоро еднакво лошо е повторуваното читање кое е помалку ефективно од другите забележани навики. Условно кажано, како најмалку лош метод се покажува сумирањето на прочитаното и фаќањето белешки кои би можеле да бидат од корист за оние кои се вешти во тоа, но сепак постои подобар начин како да се учи.

Најдобри техники

За разлика од споменатите постапки како подвлекување и повторување на веќе прочитаниот материјал, стратегиите за учење кои носат најдобар резултат не се толку познати надвор од психолошките лаборатории. Така на пример дистрибутивната пракса е техника која вклучува ширење на сесијата на учење, и помалку е подложена на маратонско учење. Учењето во последната минута можеби ви помага да го положите испитот, меѓутоа информациите брзо ќе исчезнат од сеќавање. Многу би било подобро да го совладате материјалот во текот на подолг период, бидејќи на тој начин поквалитетно ќе ги запомните информациите.

Друга стратегија за учење која се препорачува е праксата на тестирање. Секако, овде не се мисли тестирање за оценка. Праксата на тестирање не е вообичаена техника иако постојат многу докази дека овој пристап доведува до квалитетно усвојување на информациите - за таа цел ви се достапни доста помагала и апликации. Најдобри се флеш картичките и апликациите како Quizlet, StudyBlue и FlashCardMachine.

Уште еден метод кој е добар и ефикасен е само-објаснувањето на текстот со што самите детално ќе си го објасните текстот, меѓутоа ефикасноста на методот најчесто зависи од тоа колку вашето објаснување е точно.
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование