X
 08.04.2020 Наука

На музиката ѝ се потребни 13 минути за да ве ослободи од тагата и 9 минути за да ве направи среќни

Британската академија за звучна терапија (БАСТ) со години ги проучува корисните ефекти од слушањето музика за терапевтски цели.

Новото истражување на БАСТ, проектот наречен „Музиката како лек“, се обидува да идентификува точно каков вид музика стимулира позитивни нервни одговори и колку долго треба да се слуша пред да почнат да се активираат овие одговори.

- Повеќето луѓе слушаат музика секој ден и речиси сите имаме тенденција да ги менуваме нашите плеј-листи врз основа на нашето расположение. Музичките психолози повторно докажаа дека музиката може да има влијание врз нашето здравје. Имајќи го тоа на ум, би било одлично ако може да се препише музика за да се помогне во одредени состојби - велат невролозите од БАСТ.

Токму тоа успеале да го направат во „Музиката како лек“, а резултатите се неверојатни.

Во мини-истражување 89 отсто од 7.580 лица изјавиле дека музиката е суштинска за нивното здравје и благосостојба.

muzika
Фото: Pixabay

Музика за опуштање

Било откриено дека 13 минути се оптималното време за слушање музика доколку сакате да се опуштите. Таа музика треба да е со бавно темпо, едноставни мелодии и без текст, како „Weightless“ од „Маркони Јунион“.

Било откриено дека песната од музичкото трио ги намалува симптомите на анксиозност до 65 отсто.

- Нашите учесници пријавија позитивни придобивки, вклучувајќи и намалена напнатост во мускулите, исчезнување на негативните мисли, чувство на мир и задоволство и подобар сон - објаснува истражувањето.

Музика за среќа

За оние што претпочитаат танцување за кардио-придобивки, било потребно многу пократко време за музиката да им донесе среќа.

По само 9 минути слушање музика со брзо темпо и текст со забавна содржина, 89 отсто од учесниците имале подобрено ниво на енергија, 65 отсто повеќе се смееле и се чувствувале посреќни, 82 отсто чувствувале дека можат да направат сè и чувствувале поголема контрола врз нивните животи.

Музика за процесирање или ослободување од тагата


Бидејќи тагата е многу лична, очекувано, луѓето избрале музика со текст што одговара на нивната ситуација. Исто како слушањето за релаксирање, било откриено дека 13 минути биле доволни за музиката да ја ослободи тагата.

- Слушањето музика за ослободување од тагата ги натера нашите учесници да почувствуваат олеснување, да се чувствуваат постабилни и помалку да се потсетуваат на проблемот што го имаат - велат научниците.

Додека истражувањето може да изгледа како одличен бонус за она што повеќето од нас сакаат да го прават - да слушаат музика, тоа всушност води кон потенцијални терапевтски интервенции.

Исто така, истражувањето откри дека слушањето на песната на „Маркони Јунион“ ја намалува вознемиреноста кај пациентите што одат на операција.

Извор: Good News Network
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука