X
 08.04.2020 Наука

Норвежаните отвораат хотели за загрозените арктички галеби

Приближно 2,3 милиона луѓе годишно го посетуваат северниот поларен круг, односно арктичкиот круг. Северниот брег на Норвешка е полн со хотели за туристите што сакаат да ги видат северните светла или ледниците. Туризмот во моментов е ставен на пауза, иако има посетители и овие денови, а тоа се еден вид галеби наречени китиваке кои прават гнезда на карпи над океанот и ретко летаат над почвени региони. Но последните години тоа се сменило.

Сега, со затоплувањето на океанот и другите промени, птиците почнале да прават гнезда на места како шопинг-центри и канцелариски згради во Тромсе и други градови на северниот брег на Норвешка. Оваа необична урбана инвазија можеби претставува последна шанса за преживување на овој вид галеби.


Фото: Pixabay

Бројот на единки од видот покрај брегот на Норвешка се намалил за три четвртини од 80-тите години, вели Тоне Кристин Риртсен, еколог од Норвешкиот институт за природни истражувања во Тромсе. Тој и група колеги започнале да градат хотели за овој вид галеби за да може безбедно да се грижат за своите семејства. Доколку изумирањето на овој вид птици продолжи со иста стапка, научниците претпоставуваат дека видот китиваке може да исчезне во Норвешка за четири децении.

Риртсен и други научници се обидуваат да откријат кои се причините за урбаната миграција на видот галеби, но многумина велат дека затоплувањето на океанот игра главна улога. Температурата на морето покрај северниот брег на Норвешка се зголемува, што води до промени во локацијата на главните извори на храна за птиците.


Фото: Pixabay

Китиваке можеби се населуваат во градовите и во случај да бегаат од поголеми птици што се во потрага по храна. Освен тоа, временските услови се влошуваат и се забележуваат посилни ветрови во близина на брегот. Сето ова можеби придонесува за миграцијата.

Првиот хотел за птиците на Риртсен и колегите бил „направен“ во напуштена зграда во едно од пристаништата во градот Тромсе. Градбата е прекриена со графити, но на неа има материјали за изградба на гнездо и електронски звучници од кои излегуваат звуци од птици што треба да ги привлечат единките да дојдат до објектот.

Изминатата година многу од птиците се населиле во згради низ градот наместо во „хотелот“, но научниците се надеваат дека оваа година ќе се населат во специјалната градба. Во меѓувреме, планирано е и отворање на нов ваков хотел во Берлевог.

Извор: nationalgeographic.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука