X
 08.04.2022 Наша тема

Цели генерации завршуваат без учебници, на професорите не им се исплати да ги пишуваат

Во средното стручно образование недостигаат учебници по неколку десетици предмети бидејќи речиси никој не се нафаќа да ги напише

Орална хирургија, инженерска геологија, истражување на минерални суровини, рударство, електро-металуршко добивање на метали, челични конструкции, железници, водовод и канализација, конструирање мебел, електронска обработка на текст и слики, катастар... Ова се дел од неколкуте десетици предмети по кои учениците во средното стручно образование немаат учебници, а за кои надлежните во Министерството за образование и наука неодамна објавија конкурс на кој се бараат автори да ги напишат.

Се нудат до 314.000 денари за авторски права

На веб-страницата на Министерството е објавен конкурсот со цела листа со предмети за кои недостигаат учебници, согласно образовниот профил/квалификација. Сумата за авторските права што се нуди по учебник е различна. Така, на пример, оној што ќе конкурира за да изработи учебник по предметот Технологија на обработка на дрвото, ќе добие надоместок за пренос на материјалното авторско право во нето-износ од 314.400 денари. Ова се пари за кои професори коментираат дека не се доволни за да им се исплати трудот и времето што ќе ги вложат за да изработат еден учебник.



Учат од интернет

Димитар Ѓорѓиев, директор на средното стручно училиште „Михајло Пупин“, вели дека за да учат, учениците користат стари учебници, како и материјали од интернет. Во ова училиште има струка електро и во моментов учат 900 ученици во сите четири години.

- Се прави сѐ што се може за да не трпи наставата. По стручните предмети нема учебници, не постојат. Професорите им даваат на учениците материјали за учење - вели директорот.

Според него, никој не се пријавува да пишува учебник бидејќи е мал тиражот, поради што не им се исплати.

- Една струка, на пример, кај нас, има 15 ученици. Професорот треба да направи учебник за тие 15 деца, а тоа не му е исплатливо. Бројот на деца се намалува. Ова е вака 20 години, проблемот не е од сега. Подобро е да има дигитализација зашто така ќе ги имаме учебниците на располагање, но и дигитален да е, некој треба да седне да го направи. Ние се обидовме за една струка да преведеме учебници од Австрија, но не смееме, со закон е забрането. Дури Австријците се нафатија сами да ги преведат, но ништо не излезе од тоа - вели директорот.



Ракописот се доставува во пет примероци

На конкурсот што го објави МОН пишува дека може да учествува автор само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет.
Ракописот за учебник се изработува според наставниот план и програма за соодветната година, предмет и Концепцијата за учебник за основно и средно образование. Ракописот за учебник треба да ги исполнува условите и стандардите согласно Концепцијата за учебник за основно и средно образование.

- Ракописот за учебник се доставува во печатена форма во 5 (пет) ликовно, графички и јазично уредени примероци (3 примероци во боја и 2 црно-бели), изработени според наставниот план и програма за соодветната година, предмет (назив на струка/сектор, образовни профили/квалификации) и Концепцијата за учебник за основно и за средно образование. Ракописот за учебник не смее да содржи фотографии, илустрации и содржини преземени од трети лица за кои авторите немаат дозвола за користење. Ракописот за учебник се доставува и во електронска форма - наведено е во конкурсот, кој трае до јули годинава.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема