X
 08.04.2022 Наука

Луѓето што пораснале на село имаат подобра ориентација од оние што пораснале во град

Луѓето што пораснале на село имаат подобро чувство за насоки и навигациски вештини отколку оние што пораснале во град, покажува нова студија.

За да дознаат како околината во која сме пораснале влијае врз нашите ориентациски способности, научници набљудувале речиси 400 илјади луѓе од 38 земји како играле видеоигра дизајнирана за невронаучни истражувања. Играчите морале да навигираат брод за да најдат точки на мапа.

- Утврдивме дека растењето надвор од градовите е добро за развојот на навигациските способности и тоа изгледа дека е под влијание на недостигот на сложеност на многу мрежи на улици во градовите - истакна главниот истражувач Хуго Спирс од Лондонскиот универзитетски колеџ.

Коавторот Антоан Кутро од Универзитетот во Лион истакна дека истражувањето претходно покажало дека кога глувците растат во кафези со патишта со различна сложеност, некои когнитивни способности во нивните мозоци, вклучително и навигацијата во просторот, исто така биле модифицирани.

- Сепак, беше потешко да се проучуваат луѓето затоа што не можеме да ги затвориме во кафези - истакна тој.

Затоа истражувачите ја искористиле играта, која била создадена во 2016 година за проучување на Алцхајмеровата болест и оттогаш била играна од страна на речиси 4 милиони луѓе. Кутро истакна дека луѓето што пораснале во рурални средини имале подобри резултати затоа што селото е посложена средина зашто е многу неорганизирана, со големи дистанци, што значи дека морате да го запомните патот.

Според Кутро, луѓето пораснати во посложени градови како Париз и Прага биле многу подобри од оние што биле од плански градени градови како Чикаго. Тој додава дека возрасните луѓе можат да го подобрат чувството за насоки подоцна во животот ако работат на тоа.

- Тоа е како учење нов јазик, што би било полесно ако сте го учеле како млади - вели тој.

Истражувачите, исто така, развиле нова верзија на играта за да тестираат како луѓето од градовите се снаоѓаат во нивната природна средина.

Луѓето пораснати во градовите подобро се снаоѓале во плански изградени градови отколку оние што пораснале на село, но разликата не била голема како во обратниот случај.

Извор: Phys
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука