X
 08.05.2017 Образование

Родителска дилема: Дали детето ми е подготвено за на училиште?

Запишувањето на детето во училиште е дилема за многу родители. Дали е подготвено за училишните обврски најмногу размислуваат оние чие дете во школо треба да појде со ненаполнети шест години. Така, некои бараат начини за одложување на првото одделение, а други постојано се премислуваат. Одложувањето, пак, значи дека детето треба да помине посебно тестирање кое ќе ја покаже неговата подготовка за влез во оваа фаза од образованието.

Како се одложува

Во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години. Тој може со своја одлука да го одложи запишувањето ако детето наполни шест години до 31 јануари наредната година. За тоа треба да поднесе барање до училиштето и да добие мислење од педагогот или психологот кои работат таму.

Запишувањето, на барање на родителот, за една година може да го одложи и здравствена установа, ако се утврди дека детето не е подготвено за на училиште, по направено тестирање. Овие тестирања се прават во Завод за ментално здравје на деца и млади „Младост“.

За да го однесе детето на тестирање, објаснува директорката д-р Мирјана Ќаева-Пејковска, родителот прво треба да појде кај неговиот матичен лекар. Тој во системот за евиденција во здравството „Мој термин“ ќе закаже кај лекар во заводот и ќе даде упат.

- Детето, кога ќе дојде кај нас, оди на преглед кај лекар, а потоа ќе се сретне со психолог и со педагог. Тие прават проценка за способноста и зрелоста на детето, т.е. за тоа дали е подготвено за училишните обврски. Прегледот кај лекарот трае до 20 минути, кај педгогот околу еден час, а кај психологот 15-20 минути – вели Ќаева-Пејковска. По прегледот се издава потврда, а таа чини 250 денари.

Се предомислуваат по тестирањето

Некои од родителите го менуваат мислењето откако детето ќе појде на тестирање.

Виолета во септември ќе има пет години и девет месеци. Нејзините родители размислувале дали да го одложат поаѓањето во прво одделение.

- Појдовме во заводот со намера да го одложиме запишувањето на детето во училиште. Искрено, сметавме дека е малечка и не сакавме да и се скрати дел од детството. Меѓутоа, на тестирањето кај психологот и педагогот детето покажа одлични резултати. Разговорот со педагогот беше навистина корисен и искрен. Тој имаше големо влијание со објаснувањето околу тоа дека иако детето по возраст е помало, сепак е доволно зрело за да посетува настава. Сето тоа нè замисли - вели таткото Марјан.

Тој раскажува дека се задоволни и од тестирањето и од односот на стручниот кадар, кој влевал доверба.

- Се замисливме околу тоа што ако на детето му е здодевно доколку повторно оди во голема група во градинка, што ако не напредува доволно зашто уште еднаш ќе ги следи истите содржини... Ако детето е подготвено за на училиште зошто да го враќаме чекор назад? Така и ја променивме одлуката. Ќе ја запишеме во прво одделение – вели таткото.
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование